Иран го одби американскиот предлог за прекин на војната, оценувајќи дека тој претставува повик за капитулација на Техеран, објавија иранските државни медиуми.
Според телевизијата „Прес ТВ“, блиска до иранското раководство, прифаќањето на понудата би значело покорување на, како што наведуваат, „прекумерните барања“ на американскиот претседател Доналд Трамп.
Од друга страна, иранскиот контрапредлог предвидува прекин на конфликтите на сите фронтови, но и исплата на воени репарации од страна на САД. Воедно, Техеран бара укинување на санкциите, ослободување на запленетиот ирански имот и целосен суверенитет над Ормускиот Теснец.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека одговорот на Иран е „целосно неприфатлив“. Во изјава за американскиот портал „Аксиос“, тој порача дека не му се допаѓа иранскиот одговор, но не откри дополнителни детали од содржината на писмото.
Трамп засега не прецизирал дали САД ќе продолжат со дипломатските разговори со Иран.
Според извештаите, прашањето за иранската нуклеарна програма воопшто не било опфатено во одговорот испратен од Техеран.




