Денес во Струга се докрајчуваат кучињата што по некоја среќа успеаа да го избегнат предходниот масакр со пушка, сега тој се прави со отров, предупреди денеска невладината организација “Бездомни животни без граници“.
Таа денеска обвини за масовно труење на кучиња во Струга.
– Десетици кучиња засега се најдени мртви од очигледно труење со добропознатиот ланате, отров што во повеќе наврати се користи да се реши бездомната популација на животни во државава, реагираат од Асоцијацијата.
Тие забележуваат дека кај институциите немало желба за преземање мерки да сопре масовното убиство на бездомни животни во Струга.
– Огнот никогаш не сопре, единствено службите беа поажурни според сведоштва на анонимни граѓани – кучиња се убивале и се собирале веднаш за да се скрие траг. Се прашуваме дали сепак овде не се работи за гнев на поединец, туку организирана хајка против бездомните кучиња во Струга? Дали Општина Струга решила другите мерки за третман на бездомната популација да ги толкува како масовна ерадикација на бездомните кучиња, пишува во реакцијата на „Бездомни животни без граници“.
Упатен е повик до надлежните институции непристрасно да постапуваат во своите постапки и да го запрат овој масакр.
– МВР во Струга не е општинска институција за да постапува единствено во полза на градскиот татко како заштитена бела мечка. Ја повикуваме Агенцијата за храна и ветеринарство да ја санкционираат Општина Струга за неспроведување на хуман третман врз бездомните кучиња на територијата на општината, нивната неажурност и незаинтересираноста на општините доведуваат до кулминација на состојбата – ова е историја што се повторува, се наведува во обраќањето.




