Одземени два телефона на вработено лице во Академијата за судии, имало индикативна комуникација со судија Наќе Георгиев

337

По барање на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), а со наредба од судија на претходна постапка полицијата попладнево и синоќа вршела претрес во Академијата за судии и јавни обвинители.

Поради сомнежи за злупотреба на системот за полагање на испити, полицијата одзела електронски податоци од компјутерски системи, мобилни телефони и досијеа од веќе избрани судии и обвинители.

Како што информираат од Обвинителство, при анализа на телефонот на притворениот врховен судија Наќе Георгиев се дошло до сознанија што упатуваат на можно сторување на друго кривично дело.

– Како резултат на тоа, предметниот обвинител со цел да ги испита ваквите индиции оформи предмет со кој достави барање до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје за одземање на два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видеозапис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата. Во текот на вчерашниот ден, припадници на Одделот за крим-полиција и Одделот за сузбивање на организиран криминал, постапија по Наредбата на судијата и ги обезбедија бараните предмети. За сите дополнителни активности и детали кои нема да влијаат на постапката, Обвинителството ќе ја информира јавноста навремено, се вели во соопштението од Обвинителството.

Врховниот судија Наќе Георгиев три месеци е во притвор под обвинение за земање мито од 10.000 евра од поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, кој беше обвинет за шверц на цигари.

Претходна вестСкопје одбележува 61 година од катастрофалниот земјотрес
Следна вестЃорческа обезбеди четвртфинале на силниот турнир во Португалија