Три лица од Скопје се уапсени во истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, под сомнение дека биле поврзани со активности на Исламската држава и со набавка на оружје. На осомничените им е одреден притвор, а се гонат за „злосторничко здружување“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
Според обвинителството, тие дејствувале организирано и координирано како група со заедничка идеолошка определба базирана на радикални исламистички наративи. Постојат сомневања дека собирале средства од земјата и од странство, кои биле користени за пропаганда и активности поврзани со Исламската држава, како и за набавка на оружје.
При акцијата биле извршени претреси на повеќе локации во Скопје, при што биле запленети огнено оружје, електронски уреди и други докази. Обвинителството соопшти дека постои сомневање оти осомничените се организирале и за одмазда за лица кои во текот на 2025 година биле обвинети и осудени за терористичка организација.
Таа група била уапсена во јануари минатата година, по истрага спроведена преку содржини на социјалната мрежа Телеграм, каде се споделувал пропаганден материјал и се регрутирале нови членови. Тогаш биле извршени претреси на пет локации во Скопје и Гостивар и биле запленети оружје, пропаганден материјал и компјутерска опрема.



