Околу 200 граѓани од ромската заедница денеска го блокираа патниот правец Ресен–Битола, кај месноста позната како Ромска населба, изразувајќи незадоволство од измените во Законот за сообраќај и одземањето на неколку моторни возила.
Сообраќајот на оваа делница е целосно прекинат откако демонстрантите запалија гуми и ги поставија на коловозот. На местото на настанот се присутни полициски екипи кои ја следат состојбата и преземаат мерки за одржување на јавниот ред и безбедноста.
Според информации од терен, повод за протестот е конфискацијата на повеќе возила, извршена согласно новите законски одредби кои предвидуваат построги санкции за тешки сообраќајни прекршоци, меѓу кои и можност за трајно одземање на моторните возила.
Демонстрантите бараат преиспитување на мерките и најавуваат дека блокадата ќе продолжи доколку нивните барања не бидат земени предвид.





