Опаѓа бројот на новозаразени, следната недела ќе се види какви мерки ќе се донесат

Полека опаѓа бројот на новозаразени од корона вирусот, но и понатаму е потребно внимателно однесување и почитување на мерките. Вчера беа регистрирани 307 нови случаи со ковид-19, а биле направени 1.854 тестирања. Починаа 14 лица во болнички услови.

Досега во Македонија ковид дијагностицирани се 90.124 лица, бројот на оздравени пациенти е 76.045, на починати е 2.768, а бројот на активни случаи изнесува 11.311.

Сега во Скопје активни случаи има 6.455,  во Тетово – 467,  во Куманово – 433, во Струмица – 362, во Кавадарци – 355,  во Охрид – 349,  во Гостивар – 306,  Прилеп – 259, Битола – 226… Најмалку активни случаи – 7 има во Дојран.

Ресорното министерство вчера соопшти дека вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ Македонија е 608 и има околу 580 празни болнички кревети во ковид-центрите.

Според надлежните, кај нас нема мутација на корона вирусот, слична на таа која се појави во Велика Британија.

-И покрај тоа што опаѓа бројот на новозаразени, се уште треба да бидеме внимателни, бидејќи сега училиштата почнаа повторно да функционираат. Сите мерки за заштита остануваат и натаму. Следната недела ќе ја анализираме состојбата и врз основа на тоа ќе носиме други мерки и препораки, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот за здравство истакна дека сите вакцини се евалуираат, а тоа на што ставаат приоритет е да се осигураат во нивниот квалитет. Филипче смета дека сосема добро може да го спроведат процесот на имунизација и посочи дека ќе останат тука да ги вакцинираат сите наши граѓани, по приоритет така како што се дефинирани групите.

-Имавме разговор со претставништвото на „Фајзер“ во Белград и таму се работи на двата договора – нашиот драфт договор за нашите 800 илјади дози и дозволата српските власти да ги дадат фајловите за ние да ги увеземе тие вакцини од нивната земја. Веднаш кога ќе ги добијат фајловите и дозволата ние сме спремни да ги примиме, појасни Филипче.

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: СДСМ сака политички попис
Следна вест226 санкционирани возачи во Скопје, 11 за брзо возење, 19 без возачка