Фотографии и на девојки од Македонија се објавуваат на порнографската група „Јавна соба“ која е повторно активна во рамките на социјалната мрежа „Телеграм“ година дена по избувнувањето на скандалот. За нејзиното активирање деновиве алармира една девојка од внатрешноста на земјава која добила предупредување од пријател дека нејзината фотографија е објавена во оваа група. Девојката случајот го пријавила на полицијата чиј Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, како што изјавија од МВР, презема соодветни мерки и активности во врска со случајот.
Според сознанијата, во рамките на социјална мрежа „Телеграм“, освен „Јавна соба“ функционирале уште неколку вакви групи. Во „Јавна соба“ има околу 5.600-6.000 членови од повеќе земји меѓу кои и од Македонија. Тие ги споделуваат експлицитните фотографии на разголени девојки, меѓу кои и на малолетнички, при што се споделуваат инфорамции за контакти со нив со цел да се стапи во сексуален контакт.
-„Ставајте деца“, „Леле, колку е зрело градена за 14 години“, „Ок и за 15. Спремна за е…. е ова“…. се само дел од пораките кои може да се прочитаат во оваа група чии корисници имаат анонимни профили.
Кога лани избувна аферата едно лице кое беше администратор на групата во Македонија самото се пријавило во полицијата. Ова лице на околу 40-годишна возраст во полицијата тогаш изјавило дека целта не им било размена на порнографски материјали туку дружење. Но, потоа работите излегле од контрола. Тој се обидел да ги брише објавите но не било можно. МВР тогаш најави дека ќе поднесе кривични пријави. Беше соопштено дека седиштето на „Телеграм“ е во Лондон и дека раководството ја затворило групата „Јавна соба“.
Фото: Архива