Не ги решија питачите, па сега на крстосниците дојдоа и скокачите

Нови сообраќајни проблеми на некои од крстосниците во Скопје. Не, не се овој пат проблемот дупките туку насилниците…

Имено, на скопските пешачки премини, посебно на оние кај Црвен Крст и кај МАНУ, демнат лица кои сакаат да „опелешат“ возач. Најчесто двајца во тандем, ненадејно скокаат пред одредено возило, симулираат дека се удрени и потоа го уценуваат возачот да им даде пари за да не викаат полиција и да не поднесат тужба против него. Неколкумина возачи веќе наседнале на вакви измами плаќајќи 3.000 денари и повеќе.

Случаите зачестуваат, измамници се појавиле и во Струмица, што значи дека измамите  мора да се спречат додека не добијат голем замав.

На потег треба да е полицијата, да ги најде и санкционира овие измамници без оглед на тоа колку тешко е да се докаже ваков вид измама. Малку сведоци, вообичаено сфаќање дека возачот е виновен на пешачки премин… прават тешкотии за докажување, но измамите се измами и може да се запрат само со ефикасно санкционирање.

Но, дали полиција ќе реагира брзо? Прашањето е логично ако се сетиме на фактот дека веќе подолго време крстосниците и други прометни места на скопските сообраќајници се „заземени“ од питачи, од продавачи на дребулии, од чистачи на шофершајбни… и тоа полицијата тешко го средува.

Оттаму, не е за изненадување тоа што сега на сообраќајниците се појавија и другите лица кои смислиле како да земат дел од парите од граѓаните. 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против директорот на Фондот за иновации
Следна вестКовид-19: Денеска 394 нови заболени, се намалува бројот на примени во болница