Шефот на државата Стево Пендаровски досега во својот мандат најчесто давал делумни помилувања, со тоа што им крател три до осум месеци од казните на осудениците, додека целосни помилувања давал само кога здравствената состојба на лицата е во животно загрозувачка.
Вака денеска објаснуваат од Кабинетот на претседателот по последната одлука за помилување, објавена вчера во Службен весник, а со која се опфатени пет лица, од кои само едно е целосно, а другите се делумно помилувани.
-Помилувањето е институт кој има корективна функција. Дејствата што ги предизвикува помилувањето се овозможување и забрзување на ресоцијализацијата на осудените лица, а со тоа и остварувањето на целите на казнувањето и извршувањето на казната. Претседателот Пендаровски, во текот на неговиот мандат потполни помилувања има дадено само во ситуации кога граѓаните кои ги бараат се во животозагрозувачка здравствена состојба. Потенцираме дека претседателот Пендаровски најчесто дава делумни помилувања односно 3-8 месеци, и тоа во случаи кога граѓаните кои бараат помилување имаат за отслужување уште неколку години од казната, и кога во нивните случаи биле исполнети горенаведените предуслови, велат од кабинетот на Пендаровски.
За петтемина помилувани, меѓу кои и членот на собраниското обезбедување Абдулфета Алими од случајот „27 април“, за кој Зијадин Села тврдеше дека му го спасил животот, оттаму нагласуваат дека сите ги исполнуваат условите и за сите Комисијата за помилувања дала позитивен предлог. Еден од помилуваните, нагласуваат од кабинетот, не е повратник од странски боишта.
-Во однос на предметите опфатени со последната одлука за помилување на осудени лица, Комисијата за помилување даде позитивен предлог. Лицето Абдуљфета Алими, кој има добиено делумно ослободување од понатамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор, во траење од осум месеци, ги има исполнето условите предвидени со Законот за помилување и воспоставената пракса. Александар Петровски, потполно се ослободува од понатамошно извршување на казната затвор, бидејќи станува збор за граѓанин со тешка и животозагрозувачка здравствена состојба. Не станува збор за повратник од странски боишта, велат од кабинетот.
Алими е првиот кој е помилуван од осудените за 27 април. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека се работи за селективна правда.
– Очекуваме неселективност во одлучувањето на Пендаровски, очекуваме неселективност во правдата. И наместо селективна правда по примерот на ваквата одлука таа да се прошири кон сите неправедно осудени кои се во затвор, истакна пратеникот Миле Лефков.


