Темен режим Режим на светлина

Пендаровски му одговори на Радев: Нови барања од Бугарија не се дозволени заради преговарачката рамка

Нови барања од Бугарија не се дозволени заради преговарачката рамка за која и Бугарија се согласи, изјави денеска македонскиот претседател Стево Пендаровски. Тој ги прокоментира последните изјави на бугарскиот претседател, Румен Радев, кој неодамна кажа дека уставните измени се само почеток на преговорите. Радев испратил и писмо до европските лидери и институции во кое бара пристапот на „Република Северна Македонија во Европската Унија да се заснова на исполнување на критериумите за членство, а не на лобистичка политика“.

Пендаровски рече дека го видел писмото на бугарскиот колега и оцени дека станува збор за една циклажа на старата бугарска политика односно нема никакви нови податоци или предлози.

-Нашиот пат кон Европа е јасен, станува збор за преговарачката рамка која ја усвоивме минатата година. Нови барања од Бугарија не се дозволени, имено заради таа преговарачка рамка за која и Бугарија се согласи. Денеска ЕУ прославува 30 години од носењето на копенхашките критериуми, кои се главниот сет критериуми по кои се влегува во ЕУ, а не разговори за историја. Така што, Бугарија е последната држава членка на ЕУ која нам може да ни држи предавања за тоа кои се и што претставуваат копенхашките критериуми имајќи предвид дека Бугарија е држава членка на Советот на Европа која има најмало почитување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Има 15-16 кои не се реализирани. Ние многу добро ги знаеме тие критериуми и тврдам, сум тврдел и порано дека Македонија е најподготвениот кандидат во историјата на ЕУ во моментот кога ги почнувал преговорите, вели Пендаровски.

Пендаровски кажа дека со Радев во Подгорица деновиве оствариле куса куртоазна средба.

Тој тврди дека Македонија е најподготвениот кандидат во ЕУ во моментот кога почнува преговори. Рече дека на луѓето од ЕУ кои знаат кои критериуми навистина треба да ги исполните, јасно им е дека се направи преседан против нас пред три години, со обидите на Бугарија да ни наметне историски критериуми или критериуми за ревизија на историјата која е утврдена не само за нас, туку и од целиот свет.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Бурна ноќ во Франција по убиството на тинејџер, уапсени 20 лица

Следна објава

Антикорупционерите: Во право сте г. Груби, немаме капацитет да се возиме со службени возила 24/7 и за приватни цели, да злоупотребуваме државни простории...