Претседателот Стево Пендаровски се обрати на амбасадорска тркалезна маса со наслов „Западен Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година?“, во организација на Советот на амбасадорите. Тој говореше за евроинтегративниот процес на Македонија и регионот за домашната реформска агенда…
Претседателот Пендаровски оцени дека поддршката за членство во ЕУ опаѓа од разни причини, особено кај етничките Македонци и воедно посочи на две можни ситуации во наредните години – да правите одлични реформи, а фокусот на ЕУ да не е на Западен Балкан или да не правите реформи дома, а ЕУ да има фокус на регионот. И во двете ситуации, според претседателот Пендаровски, ќе нема напредок во интеграциите и додаде дека е потребна посветеност од двете страни – и во однос на реализацијата на реформите и во однос на фокусот кон регионот.
Сепак, осврнувајќи се на главната тема на тркалезната маса, претседателот Пендаровски истакна дека членството во ЕУ до 2030 година е можно.
-Дали е можно членство до 2030? Можно е. Ние имаме внатрешен потенцијал, имаме паметни луѓе, имаме искуство, имаме одамна поставено систем за преговори и сме најдобро, неспорно најдобро, подготвен кандидат во историјата на Европската Унија, меѓутоа не сум сигурен во овој контекст и во овој комплекс на прашања за две други работи. Прво, не знам дали ќе постигнеме национален консензус по тоа прашање. Во овој момент го немаме. Значи, зборувам за реален, не за реторичен консензус. Дали ќе постигнеме и дали ќе го одржуваме бидејќи мора да го одржувате со години и години додека траат преговорите и, второ, не знам дали ЕУ и по завршување на војната во Украина, ќе го задржи фокусот врз регионот, рече претседателот Пендаровски, пренесува Макфакс.





