Темен режим Режим на светлина

Пендаровски од Пелинце: Ако поради преурането востание, младата илинденска генерација беше десеткувана, денес, поради задоцнети европски реформи постои опасност нашата млада генерација да биде раселена

Гоце Делчев со право бил против избрзано востание што ќе доведе до големо крвопролевање. Тој не се залагал само за слобода на македонската земја, туку за слобода и на македонскиот народ, бидејќи не сакал земја без народ. Ако поради преурането востание, младата илинденска генерација беше безмалку десеткувана, денес, поради задоцнети европски реформи постои опасност нашата млада генерација да биде раселена, предупреди денеска македонскиот претседател Стево Пендаровски на одбележување на 2 Август, во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.

Во своето празнично обраќање тој посебно се задржа на проблемите на младата генерација во Македонија.

– Да ги надминеме разликите, да се сплотиме околу итно започнување на преговорите, во спротивно ќе ги изгубиме младите кои се иселуваат. Потребни ни се европски реформи, кои ќе помогнат да го оствариме виталниот национален интерес, да ги мотивираме младите да останат во државава. Со сегашното темпо на иселување, постои реална опасност многу бргу да ја достигнеме критичната демографска точка по која нема враќање. Доколку веднаш не му се застане на патот на овој опасен тренд и истиот не се успори со посветени политики и конкретна, во пракса реализирана стратегија за младите, нас нè очекува многу полоша иднина од онаа која во моментов ја антиципираме, рече тој.

Зборувајќи за причините за иселувањето, Пендаровски рече дека младите заминуваат во туѓина, бидејќи се отуѓени во државата. Од независноста наваму, младите, како што рече, се пасивни приматели на политиките, нивната енергија се користи за теснопартиски цели, тие кажа, не веруваат дека со труд може да се напредуваат, туку со партиски книшки, роднински врски етничка припадност наместо знаење и квалитет.

– Со тоа се отвора широка врата за корупцијата, а секоја коруптивна трансакција на пари и моќ воспоставува двојни стандарди, ја поништува еднаквоста пред законите, ја руши довербата во институциите и конечно, ја обезвреднува државата. Како најголем генератор на неправда и нееднаквост, корупцијата е една од главните причини за масовното иселување на младите. Иселувањето не е ништо друго освен конечен протест на младите генерации, кажа Пендаровски.

Претседателот додаде дека од АСНОМ, па до денес, се потврдува дека е тешко да се дојде до слободна држава, уште потешко да се изгради и одржи слободно и праведно општество, кое е обврска на сите генерации.

Тој рече дека преговорите со ЕУ ќе ни помогнат да ја направиме корупцијата помалку општествено прифатлива, а културата на неказнивост да ја замениме со култура на одговорност и личен, морален интегритет.

-При тоа, треба да ни е јасно дека добра алтернатива за европските реформи – не постои! Надворешните пречки не смеат да бидат алиби за забавување на реформите. Напротив, мора да го мобилизираме секој сегмент од општеството во искоренување на корупцијата, непотизмот и криминалот. Уште поважно, токму европските реформи ќе ни помогнат да го оствариме нашиот витален национален интерес, а тој е, да ги мотивираме младите да останат во државава и да се вклучат во изградбата на европска Македонија, кажа претседателот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Лекот за рак почна да се тестира врз луѓе, ги уништува сите видови цврсти тумори во рана фаза

Следна објава

Радев упати честитка до Пендаровски:  Целта и саможртвата на хероите од Илинденско-Преображенското востание е еден од мостовите низ времето што ги поврзува двете држави и нивните граѓани