Определување на минимална пензија од најмалку 18.000 денари и линеарно покачување на пензиите од 3.500 денари ќе бидат главни барања коишто ќе бидат истакнати на утрешниот протест на пензионерите пред македонската Влада. Протестот е закажан за 11 часот, а на него се очекува присуство на поголем број на пензионери од повеќе општини во земјава.
Пензионерите во изминативе педесетина дена одржуваат бројни протести по општините на коишто го искажаа незадоволството од висината на пензиите и од најавеното покачување на страна на Владата. Тие се катогорични во барањето пензиите да се згоелма линеарно за 3.500 денари на сите пензионери за да се одбегне содавањето на големи разлики во примањата меѓу пензионерите.
Светниколските пензионери и денеска излегоа на протест, со барањето за зголемување на пензиите за 3.500 денари.
Трајче Станојков член на Иницијативниот одбор за протести на пензионерите во Свети Николе вели дека се подготвуваат за утрешниот генерален протест пред Влада во Скопје. Посочи дека пензионерите од Свети Николе веќе 47 дена протестираат пред нивното Здружение на пензионери или пак блокираа улици и патишта во Општина Свети Николе.
-Се уште не маткаат дека имаат некои Комисии и оти договараат, преговараат и се усогласуваат и што ти ја знам. Но, ние просто и едноставно рековме дека бараме веднаш во основицата на пензиите да влезат овие 3.500 денари, а после тоа да се усогласуваат и да се најдат други решенија, вели Станојков.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска изјави дека до крајот на месецов ќе има решение за пензиите
-Работната група се состанува веќе утре, а континуирано се дебатира, очекувам до крајот на месецов конкретни предлози за пензиите со фокус на ниските пензии. Сега сите институции, односно претставниците на институциите дебатираат за она што е реална состојба во државата, во работната група се споделуваат податоците за да можеме да пристапиме кон креирање социјални мерки за пензионерите со ниски пензии. Очекувам до крајот на месецот да имаме конкретни предлози, кои ќе бидат преставени и пред медумите и пред пензионерите, рече Тренчевска.





