Веќе е јасно дека ако имате намера да се журкате дома над 4 лица за новогодишната ноќ, и некој ве пријави, веројатноста да ве посетат полицајци е повеќе од голема. Така вчера најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Неофицијално, на терен ќе биле околу 2000 полицајци.
Ваквата информација повлекува неколку прашања кои не им се јасни на граѓаните:
-Како полицијата може без писмен налог од судија да упадне во нечиј дом?
-Дали погласна музика ако слушне полицијата додека патролира значи дека е доволна основа за да заѕвони на нечија врата?
-Колку судии треба да бидат достапни ноќта на 31 за да издаваат налози?
-Каков е тој „усен налог“ од обвинител за кој зборува Спасовски?
-Која е законската основа и колку луѓе е дозволено дома да бидат собрани? Ова е особено нејасно, заради тоа што постои препорака или владина одлука за недозволување на групирање над 4 лица дома,ама уште кога се одлучи беше спорно како ќе се казнува. Владата тогаш велеше дека е неопходна законска измена, која не се случи, па сега повторно е нејасно како ќе би се извело на 31-ви декември.
Пред да се имплементира најавата на министерот на терен, граѓаните мора точно да знаат на основа на што е донесена конкретна одлука и да си ги знаат сопствените права. Граѓаните се должни да не се групираат за време на празниците, тоа е нивната морална и општествена обврска, но истовремено, не смеат да бидат казнувани или да им се упаѓа во домовите пред точно да си знаат сите права.