Со истакнати трансперенти, пратениците на најголемата опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, денеска се поставија пред претседателот на државата Стево Пендаровски кој имаше годишно обраќање во македонскиот парламент. „Идентитетот се продава, Стево Молчи“, „Заев: Стево е неискусен политичар“, „Претседател со купени гласови“, „Стево слуга на Заев“, „Не е мој претседател“… пишуваше на транспарентите кои ги држеа пратениците поставени пред говорницата.
По ова, тие ја напуштија салата целосно бојкотирајќи ги пораките на претседателот на државата кои беа изговорени пред полупразната собраниска сала.
Пратеникот Александар Николоски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ја напуштиле собраниската сала бидејќи Пендаровски покажал дека не е претседател на сите граѓани.
-Не е претседател на сите граѓани, туку само извршител на една политичка структура и на Зоран Заев. Со тоа Пендаровски им сврте грб на македонските граѓани. Затоа денеска пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата му свртеа грб нему и ја напуштија собраниската сала каде што тој имаше обраќање. Второ, Стево Пендаровски е прв којшто кажа дека нашиот национален херој Гоце Делчев е Бугарин и со тоа ги сруши македонските национални интереси. Ја отвори Пандорината кутија, ги оневозможи историчарите на научна основа да разговараат за историјата, во преговорите за историјата внесе политика и драматично ги поткопа темелите на македонската самобитност, идентитет, јазик и посебноста на македонската историја, рече Николоски.
Веднаш по настанот опозиционерите почнаа да споделуваат фотографии од дешавката во собранието на социјалните мрежи.