Предлог за амнестија на осудените за настаните од 27 април 2017 година денеска е доставен до пратеничките групи во македонскиот парламент. Адвокатската канцеларија Јанаки Митровски и адвокатската канцеларија Пешевски и Тимовски коишто го доставија предлогот соопштија дека очекуваат неговото прифаќање. Во предлогот на законот се предвидува да се пуштат на слобода оние кои добија под 10 години затвор, а на останатите осудени на над 10 години да им се намали казната на половина. Подносителите очекуваат поддршка од политичките партии со надеж дека законот ќе се процесуира и до крајот на годината ќе се исправи, како што велат, селективната правда со претходниот закон од 2018-та кој важеше за само 15 лица.
-Не сметам дека тие лица немаат никаква кривична одговорност, меѓутоа селективната правда на која сме сите сведоци, селективната амнестија на тие кои преку ноќ одлучија да си ги сменат ставовите и да гласаат за промена на уставот е најголемата форма на неправда којашто може да се сервира. Воедно, не е дека тие лежеле месец дена па ги пуштиле, туку шеста година се во затвор и сметам дека се доволно казнети, изјави адвокатот Јанаки Митровски.
Засега на оваа тема пратеничките групи немаат изграден став бидејќи инциијативата од адвокатите се уште ја немале разгледано. Познато е дека дел од осудените, меѓу кои Јане Ченто и Игор Југ уште во текот на судењето кажаа дека не сакаат амнестија, туку правда преку судскиот процес. Повикувајќи се на нивните изјави и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека за нив е потребно правично судење, наместо ослободување преку политичка одлука.
-Тие луѓе се обвинети за нешто што не го сториле. Тие луѓе бараат правда, не бараат амнестија, не бараат милост. Од тоа што јас сум информиран предметот е пред Врховниот суд и Јавното обвинителство доставило свое мислење и Врховен треба да одлучува и треба час поскоро да одлучи да го врати во прв степен, бидејќи тие се се, само не терористи, изјави денеска Мицкоски.




