Препарати за пченица на еден хектар во Македонија чинат 2.400 денари, а во Србија и Албанија 300 денари

Проблемот што не може секој производител да биде и трговец. Значи, сепак е потребна и трговијата. Проблемот е во тоа што трговците на нас земјоделците ни го земаат целиот профит…, вели Стојкоски

Со Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделците во Македонија зборуваме во бесплатниот неделник „Македонско Ехо“ за зголемувањето на цените на прехрамбени производиза проблемите во земјоделството…

Се соочуваме со драстичен раст на цените на храната. Дали Ве изненадува ова, какви поуки треба да излечеме?

-Многу порано државата требаше да ја донесе стратегијата и мерките за поголемо производство на храната. Сега имаме добра стратегија за зрнести производи, за сончоглед, пченица… тоа веќе дава резултати. Сега се носат нови правила, но додека тие се применат на теренот… Изгубивме многу време.

Високите цени на храната се резултат најмногу на нереалниот однос на трговијата. Не може откупната цена за еден литар млеко да биде 20 денари, а тоа во маркетите да се продава 80-90 денари.

Слично е и со лебот. Од едно кило брашно се прават три векни леб кои потоа се продаваат и по 50 денари, значи вкупно 150 денари. А пченицата се откупува по 18 денари. Колкав е тука профитот не е тешко да се пресметаНе може маржата да биде 200 проценти.

Ќе наведам и друг пример. При производството на пченица на еден хектар како земјоделци, доколку користиме средства за заштита набавени во Македонија, тоа ќе не чини 2.400 денари. А доколку такви средства набавиме во Албанија или во Србија, за еден хектар ќе не чини околу 300 денари!? Инспекциите треба посериозно да се позанимаваат со тоа зошто ние толку поскапо ги плаќаме препаратите за заштита.

 Земјоделци сега продаваат сами, без посредство на трговци…

-Има такви производители кои на разни начини ги нудат своите производи. Тие се нудат по поефтина цена. Но, тука е проблемот што не може секој производител да биде и трговец. Значи, сепак е потребна и трговијата. Проблемот е во тоа што трговците на нас земјоделците ни го земаат целиот профит. Трговците ни велат дека ќе земеме субвенции, но субвенциите се за зголемување на производството.

Може ли Македонија да ги задоволува потребите за храна?

-Може целосно да ги задоволува сопствените потреби за елементарните прехрамбени производи. Само потребно е промена на односот кон земјоделието. Се додека ние како земјоделци се чувствуваме понижени од страна на администрацијата нема напредок. Се додека еден сточар се срами да каже дека е сточар нема напредок. Државата треба да ја менува таа свест, не може се уште да постои таков понижувачки однос во стилот: „остави го тој, тој е сточар…“. Треба да биде гордост кога некој ќе каже јас сум сточар, јас сум земјоделец. Македонија како држава има реален потенцијал да биде целосно независна во однос на храната. Односно, да увезува само она што тука не може да се произведува.

 Од што треба да се почне како промена?

-Нешто не чини ако луѓето го напуштаат сточарството, ако го напуштаат земјоделието. Оттука треба да се почне, од реално вреднување на сечија работа. И треба секогаш на време да се реагира, а не да се чека проблемот да стане преголем.

Претходна вестПроведена група која на Бит пазар ограбила двајца малолетници
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: 123 функционери на власта кријат имот од 30 милиони евра