Темен режим Режим на светлина

Приведени поранешниот градоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ и Владимир Здравев, екс-претседател на општинскиот Совет

Поранешни први луѓе на скопската општина Центар – Владимир Тодоровиќ, кој беше градоначалник, и Владимир Здравев, екс-претседател на општинскиот Совет, синоќа се приведени од страна на полицијата. Повеќе медиуми повикувајќи се на неофицијални извори дознаваат дека Тодоровиќ, кој е и сопственик на ланецот маркети „Тинекс“ бил приведен на Меѓународниот аеродром „Скопје“ во Петровец. На граничниот премин Табановце утрово, пак, бил приведен и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев.

Во акцијата се приведени вкупно пет лица. Неофицијално, овие приведувања се поврзани со проектот Скопје 2014, односно поради сомневања за перење пари при набавка на опрема за мостот Око. Тој предмет е отворен уште од СЈО од обвинителот Љубомир Лапе, а потоа го превзема Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Од МВР соопштија дека вчера „во попладневните часови и во текот на вечерта од страна на полициски службеници од МВР – Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по налог на ОЈО ГОКК, а со наредба на судија на претходна постапка, лишени се од слобода пет лица во врска со чл.273 ст.5 и чл.353 ст.5 од Кривичниот законик.

-Лицата се приведени и задржани во полициска станица и во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, информира МВР.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, пак, закажа прес-конференција за постапувањето по предметот за „Скопје 2014“.

-Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја презеде надлежноста на предметот по згаснувањето на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со одлука на Јавниот обвинител на РСМ по предметот продолжи да постапува јавниот обвинител Љубомир Лапе кој ќе информира за текот на постапката, велат од Обвинителството.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Мицкоски: Ако се искрени од ЕУ, нека го тргнат билатералниот спор со Бугарија од преговарачката рамка

Следна објава

Хаос во Франција, грабежи, насилство и пожари, приведени над 600 лица