Привремено решение: Место две, ќе работи по една операциона сала, но во две смени

По хаваријата во системот за снабдување со кислород и компримиран воздух во хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, заменик – министерката за здравство, Маја Манолева извести дека привремено решение е најдено со нови надворешни компресори кои најдоцна до денес треба да бидат распоредени до сите клиники кои имаат потреба. Утрово се сретнала со директорите на клиниките и договориле освен работа во две смени, за што добиле наредба вчера, да се реорганизира работата во операционите сали кои имаат проблем со доставувањето воздух.

-Со наредбата што ја добија вчера хируршките клиники беа задолжени да организираат работа во две смени со цел да се продолжи периодот на интервенции во една сала, затоа што имаме ограничен број на надворешни компресори кои може да ги користат операционите сали. Беше договорено, операционите сали, на пример место да работат две, да работи само една, но во две смени со што практично би го добивале речиси доволниот капацитет на хируршките сали, рече Манолева.

Бидејќи нема доволен број надворешни компресори, ги задолжила директорите на клиниките во итна постапка секој да набави по два- три кои би се користеле до целосно надминување на проблемот во централната компресорска станица. Манолева смета дека е потребна целосно нова компресорска станица, на нова локација оти сегашната е стара три децении и потребна е целосна замена на системот за што ја задолжила Службата за заеднички работи во чија надлежност е станицата.

Додека не почнат салите да работат со полн капацитет, Манолева вели дека персоналот им стои на располагање на Градската општа болница „8 Септември“ и на хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ кои ги презедоа пациентите на кои им се потребни операции.

Резултати од анализите на примероци од гасот, кои се испратени во Германија, се уште нема. Манолева очекува првични резултати да стигнат порано, но за конечните ќе треба да се почека.

На средина на минатиот месец се појави миризба во дистрибутивната мрежа за кислород и компримиран воздух поради што беа затворени хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ за кои сега Манолева вели дека делумно функционираат со надворешни компресори.

Претходна вестТетовецот кој го извршил убиството во Боговиње имал и помагач
Следна вестСончево и топло, попладне ретка појава на пороен дожд