Македонската машка ракометна репрезентација одигра нерешено 30-30 против Австрија на гостински терен во Брегенц, во контролен натпревар во рамките на ЕХФ неделата.
Селекторот Кирил Лазаров се одлучи за комбиниран состав, без неколку стандардни репрезентативци како Пешевски, Серафимов, Ѓоргиев и Митревски, со цел да им даде шанса на играчите кои досега беа во втор план. Овој дуел беше дел од подготовките за баражот за пласман на Светското првенство 2027, каде Македонија ќе игра против победникот од мечот меѓу Словачка и Украина.
По израмнетото прво полувреме (15-15), македонските ракометари во вториот дел ја презедоа иницијативата и во неколку наврати имаа предност од четири голови. Сепак, во финишот не успеаја да ја задржат разликата.
На пет минути пред крајот Македонија водеше со 29-27, но домаќините возвратија и направија пресврт, поведувајќи со 30-29. Во драматичната завршница, капитенот Филип Кузмановски беше сигурен од седум метри и донесе израмнување за конечни 30-30.
Кузмановски беше и најефикасен во македонскиот тим со десет постигнати голови.




