„Роботаксиња“ предизвикаа хаос на улиците на Сан Франциско

Во петокот во населбата Норт Бич во Сан Франциско, дури десет такси возила со автопилот престанале да работат среде возење, што предизвикало застој во сообраќајот. Ден претходно, државната администрација дозволила проширена работа на ваквите „роботаксиња“ во градот. Возилата управувани во автопилот застанале среде авенијата Грант, со вклучени светла за опасност блокирајќи го преминот на други возила.

Компанијата „Круз“, сопственик на споменатите „роботаксиња“, објави дека возилата престанале да функционираат поради проблеми со безжичната врска. Полицијата во Сан Франциско потврди дека проблемите настанале поради лошата мобилна врска и дека безжичниот систем бил преоптоварен од големиот број луѓе на блискиот музички фестивал „Аутсајд Лендс“.

„Сан Франциско хроникл“ добил преглед на пораките што ги разменувале супервизорот на Сан Франциско Арон Пескин и менаџерот на „Круз“. Тие наведуваат дека компанијата не можела да ги пренасочи автомобилите поради слаба интернет конекција. Според Пескин, на раскрсницата застанале околу 10 такви возила.

Компанијата сега размислува за создавање на сопствена мобилна мрежа за да не се повтори инцидентот. Претставниците на сообраќајот и пожарникарите им кажале на државните регулатори дека порастот на автопилот возилата во последните месеци се совпаднал со зголемувањето на сообраќајниот метеж и другите инциденти.

Претходна вестСкопјанец фатен додека крадел велосипед
Следна вестПолска одржува најголема воена парада: Ова е порака до Москва