Најмалку осум луѓе загинаа, а 24 се повредени во рускиот ракетен напад врз Киев кој се случува по само два дена по нападот на единствениот мост што ги поврзува Русија и анектираниот полуостров Крим. Украинските власти денеска соопштија дека освен Киев експлозии утрово се регистрирани и во други украински градови. Според информациите сите загинати се цивили.
-Сите загинати се цивили кои се возеле или движеле во центарот на Киев. Запалени се шест автомобили, изјави советникот на украинското министерство за внатрешни работи Ростислав Смирнов.
Градоначачникот Витали Кличко потврди дека се погодени централни делови од градот.
-Проектилите погодија критична инфраструктура. Терористите го нападнаа главниот град, напиша Кличко на Телеграм.
Во еден од најобемните руски напади од почетокот на војната, денеска се ракетирани и западните градови Лавов, Тернопил и Житомир, како и Днепар и Кременчук во централниот дел на земјата.
Киев од почетокот на војната повеќепати беше цел на руски напади. Ова е најтежок напад врз градот во последните месеци.
-Една од ракетите падна кај споменикот „Грушевски“, на улицата „Володимир“. Спасувачите се во акција, соопшти советникот во украинското Министерство за внатрешни работи, Антон Герашченко.
Улицата „Володимир“ се наоѓа директно во центарот на Киев.
Вчера, заменик-шефот на рускиот совет за безбедност, Дмитриј Медведев, ѝ се закани на Украина со одмазда поради експлозијата на Керчкиот мост, кој е стратешки важен за Русија. Рускиот претседател Владимир Путин вчера зборуваше за „терористички напад“ врз мостот и за нападот ја обвини украинската тајна служба СБУ. Од СБУ досега нема потврда дека учествувала во нападот на мостот. Централата на СБУ се наоѓа во центарот на Киев.


