Изјаснувањето на граѓаните на референдум е најзначаен облик на демократијата. Е, на тоа сега се сети и СДСМ. Па деновиве упорно бара одржување на референдум во Крива Паланка по прашање околу рудникот за Антимон. Велат, најважно е народот да каже што мисли за тоа.
Добро е да се чуе дека социјалдемократите копајки во својот партиски рудник наидоа и на демократската лекција дека треба да се прашуваат и уважуваат ставовите на граѓаните. Но, не е добро што многу доцна стигнаа до окното каде ова се кажува.
Во Македонија нема да се заборави како се однесуваше СДСМ при референдумот за промена на државното име. Граѓаните практично кажаа „НЕ”, а власта на СДСМ тоа си го протолкува како „ДА” и го заобиколи народното мислење.
Не се заборава и 2005 година, кога за референдумот за Законот за територијална организација, од Владата на СДСМ водеа кампања со пораки дека „некои прашања не заслужуваат одговор”.
Овие искуства за многумина сега отвора прашање и дилема – СДСМ напредува и почна да ја разбира демократијата или пак ова барање за референдум е само за некаква дневнополитичка потреба?
Да се надеваме дека е првото и дека копајки во својот партиски рудник СДСМ ќе стигне и до сознанието дека успехот во демократијата не се гради со селективно дејствување, туку со конзистентност.




