Вчера се собраа сите главни владеачки фаци во Македонија и ни кажаа дека иде критично време – не чекала една од најтешките зими во историја. Ваква порака јавноста ја слушна по седницата на Советот за безбедност која беше посветена на енергетската состојба.
Добро што ни кажавте, ама тоа каква зима иде народот гледа и знае. Поважно е да кажат што до сега направиле сите тие силни функционери платени со народни пари за кризата да биде поблага?
Претседателот на државата, премиерот и министрите по Советот кажаа дека имаат план.
Зарем планот не требаше да биде многу порано направен и сега дебело да се спроведува?
Владеачкиот врв најави дека ќе се употребат 300 милиони евра, дека ќе се подготват сите домашни ресурси за производство на сопствената енергија, дека домашното производство на струја ќе се зголеми за 25 проценти, дека ќе се набават потребните количества на јаглен, мазут, гас, дека ќе се спречува новиот раст на цената на струјата, дека не се планираат рестрикции…
Колку од планот ќе се реализира граѓаните ќе почувствуваат веќе со првите поладни денови. Планот се соопштува на само четири недели пред почетокот на студениот период што повлекува прашање дали е тој изводлив за краток период и ако е изводлив дали не е прескап затоа што се доцни?
Предвидувањата дека ќе се случи кризната енергетска есен не се од вчера, тие се даваа со месеци однапред. Организираните и добро водените држави од поодамна обезбедуваат дополнителни резерви на јаглен, гас, мазут…
Зошто во Македонија нема резервоари за гас? Зошто се чека на нови рудници на јаглен, на подобро искористување на водните потенцијали, на „Чебрен и Галиште“, на алтернативни извори на енергија…?
Сето она што со години (и сегашната и претходната власт) пропушти да го направат како домашни енергетски извори сега се одмаздува на граѓаните и стопанството во земјава.
На Македонија не и требаат набрзина направени планови со стотици позајмени милиони евра. На Македонија и треба навремени и посериозни седници на Советот за безбедност.



