Секој ден издвојувам 2 – 3 часа за шахот, освоив многу награди, сонувам да бидам велемајстор

Шах почнал да го игра кога имал само 5-6 години. Први соперници му биле татко му и дедо му, а потоа древната игра му станала интересна и веќе седум годишна возраст почнал да оди на часови во шаховски клуб. Тоа е шаховскиот почеток на сега веќе 19-годишниот успешен шахист Андреј Велјановски. Овој млад скопјанец првите шаховски варијанти ги учел во клубот „Гамбит“, а тренерите му се интермајсторите Марјан Митков и Орце Данчески. Неговата дарба кон оваа игра на мудрите се видела веќе следната година.

-Првиот турнир го изиграв на 8-годишна возраст, а на првото државно првенство кое го одиграв со 8 години го освоив со 9/9 освоени поени во моја категорија, ни вели Велјаноски, инаку ученик во ПСУ ,,Јахја Кемал” во скопско Тафталиџе.

До сега Андреј постигнал бројни успеси на шаховската табла. Има освоено безброј пехари и медали како на државни и интернационални турнири. Ја преставувал Македонија на неколку младински светски и европски првенства, а лани беше дел од македонската сениорска екипата која учествуваше на сениорската шаховска олимпијада во Индија.

– Сепак, мислам дека најголем успех ми е делбата на првото место на годинешново шаховско првенство на Македонија. На крајот, имав исто поени со првиот и третиот пласиран, но заради дополнителен критериум завршив на второто место, ни вели Андреј.

Сега ја има титулата Фиде Мајстор (ФМ) и има 2.325 рејтинг-поени што е завиден резултат. А за што сонува?

– На скоро секој шахист сон му е да биде светски шампион во шах. Сепак, тоа мислам дека е невозможно да се случи, па сон кој би сакал да го остварам е да станам Велемајстор, вели искрено овој талент.

Инаку, омилен шаховски играч во историјата му е кубанецот Јозе Раул Капабланка. Тој му е омилен заради неговото разбирање на играта и неговиот стил на игра со кој го правел шахот да изгледа едноставен.

-Шахот го сакам заради својата убавина и начинот на кој кога играм шах заборавам на се друго. Пробувам да одвојам по 2-3 часа секој ден на работење шах. Ја сакам оваа игра заради тоа што е во истовреме многу комплицирана сепак многу проста. Талентот е еден вид на темел кој се надоградува со вложување напорна работа и труд, сепак мислам дека вложениот труд е многу побитен од талентот. Колку и да е некој неталентиран со макотрпна работа може се да оствари напредок, ни потецнира Андреј.

Од шахот се учи како да не се повторуваат грешките

-Младите треба да го играат шахот бидејќи е интересен начин да се помине времето ,го вежба мозокот за други ментални активности и најважно според мене преку него учиме многу животни лекции како на пример како да го прифатиме поразот или како да научиме нешто од некоја наша грешка за понатаму да не ја повториме, вели Андреј.

 

 

Претходна вест206 сообраќајни прекршоци во Скопје, пешаците стасаа до 42 казни
Следна вестМаж украл сообраќаен знак, а потоа запирал возила и фрлал со тврди предмети кон нив