Македонија е во тешка ситуација и поради епидемијата поради економската криза и поради нападот врз македонскиот идентитет. На тоа треба да се одговори со единство на сите чинители во државата и секако со многу работа. Но..
Може ли да има обединување и единство меѓу политичарите (кои и најмногу го прават општествениот амбиент) ако меѓусебно се нарекуваат „убијци“, „банда“, „предавници“, „измамници“, „шверцери“, „марионети“…? Може ли да има функционални институции кога спротивставените партии блокираат, не прифаќаат други мислења, тераат само свои интерес или планови?
Тешко, дури и невозможно. Во последно време меѓупартиската омраза и нетрпеливост е пуштена на најсилно. Секој ден станува се посилна и подлабока.
Пратеникот на СДСМ Коста Костадинов денеска ја нарече најголемата опозициска партија како „банда“.
– ВМРО-ДПМНЕ дејствува како банда без команда, од една страна е Христијан Мицкоски, од друга страна Антонио Милошоски, од трета Ѓорѓија Сајковски, од четврта Игор Јанушев…, рече Костадинов.
Се разбира, и од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не остануваат должни.
-Заев стана убиец на својот народ, неговата неспособност убива. Тој предводи Влада која прави геноцид врз својот народ, преку бруталната неспособност каде ништо не е под контрола, изјави неодамна партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Пред некој ден и лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев ставовите на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ги нарече како „забегани“.
-Нема да свикам лидерска средба заради ставовите на еден лидер од опозицијата за кои може да се каже дека се забегани, рече неодамна Заев.
Тешкиот и навредливи зборови добиваат и министри. да се критикува е едно, но да се навредува е друго и тогаш е тешко да се дојде до елементарна соработка која е нужна помеѓу власта и опозицијата.
Сето ова се навреди кои само се надоврзуваат на оние за „предавници“, „изманици“, „антиевропејци“, кои што се упатуваа во периодот на донесувањето на Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија… Навредите и меѓусебните обвинувања се зголемија по бугарското вето за почеток на преговорите за членство во ЕУ… А конфронтациите сега се зголемуваат со се почести блокади во Собранието, поднесувањето на стотици амандмани, со парализа на законодавниот дом, од друга страна се игнорираат предлози на опозицијата…
И како после сето ова тие при празници повикуваат и укажуваат на потребата за помирување? Тоа сигурно и сега во пресрет на Новата година ќе го повторат.
Време е Заев и Мицковски да ја гаснат распалената ситуација. На Македонија и треба помирна атмосфера во која ќе се бараат најдобрите решенија за подобро на сите нејзини жители. Што чекаат двајцава?