Темен режим Режим на светлина

Што кројат подобро – судбината на Македонија или лозници?

Во Собранието денеска се крои нов владин состав, а првиот човек на Владата, Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски, најдоа време да бидат во македонските ниви и да кројат лозје. Повод за тоа е денешниот голем празник св.Трифун.

Освен што им помогнаа на лозарите министерот и премиерот ветуваат и друга поголема поддршка.

– Ги стимулираме малите семејни винарии, и оваа година обезбедуваме грант од 10.000 евра, државна помош за да инвестираат во своите бизниси. Дополнително, за прв пат ги помагаме и малите дестилерии со грант од 5.000 евра, со кои ќе можат да набават опрема за производство и пакување. Да се радуваме на празникот Св. Трифун уште многу години и да го празнуваме овој ден во духот на традицијата насекаде низ нашата држава каде што се негува виновата лоза, истакна Ковачевски по повод денешниот празник.

И министерот за земјоделство вети поголема поддршка за винариите, а како дополнителен мотив биле досегашните успеси на малите семејни винарии.

– Успехот кој го постигнавме со малите семејни винарии ја одбележа 2022, и за нас беше силен мотив оваа успешна приказна да ја продолжиме. Денес, на винската карта имаме многу нови брендови, нови вкусови, богатство од ароми и комплексни вина произведени од домашно македонско грозје, токму во малите семејни винарии визионерски создадени од мотивирани семејства во чија традиција е производството на вино, истакна Николовски.

Колку ќе биде успешно закројувањето од страна на премиерот и министерот останува да се види. Засега само знаеме и имаме искуство како ја кројат судбината на Македонија.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Ангелов апелира да не се исклучува струјата во висококатниците, денеска заглавиле бремена жена во лифт во кулите Џевахир

Следна објава

Огнен облак се појави пред земјотресот во Турција, ист таков сега е снимен во друга земја