Што се случува во ДУИ, зошто им ја снема монолитноста?

Кога ќе се каже зборот – ДУИ – една од помислите за оваа партија е монолитност.  Партија на Али Ахмети над 20 година цврсто стои на македонската политичка сцена и благодарение – во содејство со СДСМ, или со ВМРО-ДПМНЕ владее со Македонија. Арно ама монолитноста почна да попушта, многу афери, многу внатрешни несогласувања…

Во ДУИ почна да има табори кои се борат за превласт. Од она што може да се види на чело на едниот е вицепремиерот Артан Груби, а во другиот се „огнените“ предводени од Муса Џафери, Изет Меџити, Невзат Бејта, Блерим Беџети…

Токму овие вториве вчера од Сарај на митинг пред две илјади лица упатија премногу остри пораки до Артан Груби и „Артанците“, како што ги нарекоа неговите приврзаници.

Потпретседателот на ДУИ и пратеник во Собранието Изет Меџити, упати апел до Груби да не помисли дека со разрешување на некои функционери ќе ги ослабне нивните позиции бидејќи тие се моќни и без функции и веќе 20 години придонесуваат во ДУИ.

– Артан Груби и другите Артанци да си поднесат оставки пред народот кој никогаш не ги гласал. Со измама стана пратеник во 2016 година, кога мнозинството гласови беа на Сарај, со измама влезе во Владата во 2020 година, без никаков глас од граѓаните и без одобрение на претседателството. Артан Груби, освен што ја ослабнува ДУИ, секојдневно го ослабнува и Али Ахмети опкружувајќи го со Мендух Тачи, Арбен Таравари и многу други. На ДУИ ѝ требаат реформи, а реформите треба да почнат со оставка на Артан Груби и неспособните министри, рече Меџити.

„Огнените“ упатија порака и до лидерот на партијата Ахмети да внимава со кого е опкружен.

– Не се оди напред, бркајќи ги своите ангели и доведувајќи ѓаволи од надвор, му порачаа синоќа од Сарај „огнените“.

Од своја страна пак Груби пред неколку дена ќе изјави дека уште кога станал прв вицепремиер напишал текст на оставка и му го предал на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Според него на некој му пречи зајакнување на албанскиот фактор во Скопје.

– И јас и Бујар Османи, ако Али Ахмети ни каже да си одиме дома, нема гајле, им порача Груби на жителите на Чаир.

И така, се чини оваа внатрепартиска борба со текот на времето ќе се засилува и чаламот на ДУИ дека се монолитна партија уште ќе паѓа.

Лидер на ДУИ Али Ахмети се обидува да балансира и смирува објаснувајќи дека нема диктатура во неговата партија.

-ДУИ е, мислам, една од најдемократските партии, најотворената на овие простори и ќе работиме уште понапорно да бидеме максимално транспарентни, така што ова нема врска со диктатура, изјави Ахмети.

Ќе треба уште време да анализира Ахмети каде претерале, што не направиле како што треба или може едноставно премногу долго се само на власт, а власта расипува или…

И така, се чини ДУИ ќе има уште многу внатрешнополитички маки, ама без мака ја води Владата во која ги следи и СДСМ.

Претходна вестЛевица: Судско-обвинителската династија на СДС-ДУИ-ДПМНЕ го уништува судскиот систем
Следна вестУкрал возило во Куманово и се забил во надгробна плоча