Министерството за транспорт објави јавен повик за набавка на 150 електрични еколошки автобуси и 75 полнилници, како дел од планот за модернизација на јавниот превоз во државата.
Според предвидената распределба, 100 автобуси се наменети за Град Скопје, додека преостанатите 50 ќе бидат распределени во други општини низ земјава.
Во тендерската документација се утврдени и роковите за испорака на возилата. Првите 30 автобуси треба да бидат испорачани во рок од шест месеци, следните 60 во рок од 12 месеци, а останатите 60 автобуси во рок од 18 месеци.
Јавниот повик е објавен на електронскиот систем за јавни набавки, а рокот за доставување на понуди е до 30 март 2026 година.
Од Министерството за транспорт посочуваат дека проектот има за цел намалување на аерозагадувањето, зголемување на ефикасноста на јавниот превоз и подобрување на условите за патниците. Се очекуваат и долгорочни економски придобивки преку пониски трошоци за одржување и помала потрошувачка на енергија.
Набавката е дел од пошироката стратегија за трансформација на транспортниот систем и модернизација на јавните услуги во државата.




