Темен режим Режим на светлина

АХВ со итни мерки по појавата на сипаници кај овци и кози

АХВ со итни мерки по појавата на сипаници кај овци и кози АХВ со итни мерки по појавата на сипаници кај овци и кози

Болеста сипаници кај овци и кози е потврдена во четири одгледувалишта во земјава, информираа од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Првиот случај бил евидентиран пред еден месец во одгледувалиште во кумановското село Лопате, каде што Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје лабораториски го потврдил присуството на вирусот.

Од АХВ соопштија дека во првото жариште биле убиени и нештетно отстранети 65 овци, додека во останатите жаришта уништени се вкупно 61 овца, со цел спречување на ширење на болеста.

Институциите презеле низа мерки за сузбивање и ставање под контрола на заразата. Воспоставени се заштитна зона од три километри и зона под надзор од десет километри околу погодените одгледувалишта. Забрането е движење на овци и кози во овие подрачја, а се спроведува попис на фармите, клинички прегледи на животните и лабораториско тестирање при секој сомнителен случај.

На фармите каде што е потврдена болеста наложени се мерки за чистење, дезинфекција и третман на објектите, опремата и возилата. Паралелно се спроведува и епидемиолошко испитување за утврдување на изворот и начинот на ширење на заразата, како и засилување на биосигурносните мерки.

Како превентивна мерка, забранета е работа на добиточни пазари за овци и кози, како и организирање изложби и спортски настани со овие животни на територијата на целата држава. АХВ најави и засилени контроли на одгледувалиштата во однос на регистрацијата, движењето и здравствената состојба на животните.

Од Агенцијата потенцираат дека болеста не е зооноза, односно не се пренесува на луѓето, но може да предизвика значителни економски штети. Во регионот, сипаниците кај овци и кози се регистрирани и во Грција, Бугарија и Србија.

Суровото млеко и производите од млеко во зоната под надзор може да се пуштат во промет само по термички третман – пастеризација на 72 степени Целзиусови во траење од 15 минути, додека производите надвор од рестриктивните зони може да се користат без ограничувања.

Дополнително, забрането е движење на животни од заштитната и зоната под надзор кон кланици без претходен клинички преглед. При домашно колење, сопствениците задолжително треба да го известат надлежното ветеринарно друштво, кое врши преглед и го информира официјалниот ветеринар од АХВ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава
Силјановска Давкова и Бегај на заедничка прес-конференција: Акцент на соработката

Силјановска Давкова и Бегај на заедничка прес-конференција: Акцент на соработката

Следна објава
Скопје добива 100 електрични автобуси, останатите за други општини

Скопје добива 100 електрични автобуси, останатите за други општини