Скопје ќе го врати својот дух преку обновата на аквадуктот, скупи, калето и старата скопска чаршија, најавува Ѓорѓиевски

16

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја претстави новата програмска цел во рамки на својата изборна платформа – „Скопје – град на слоеви, град на култура“, која предвидува големи инвестиции во културното наследство и современата културна инфраструктура на главниот град.

„Скопје е град со историја, карактер и душа. Секогаш кога бил погоден, знаел да се издигне и да продолжи понатаму – и токму културата била таа што го чувала неговиот дух,“ изјави Ѓорѓиевски, најавувајќи низа капитални проекти што ќе го вратат духот на градот и ќе ја зајакнат неговата културна сцена.

Аквадуктот – културен парк и нова урбана визит-карта

Аквадуктот ќе биде претворен во современ културен парк со сцени за концерти, фестивали и јавни настани, опкружен со зелени површини и пешачки патеки. Ќе се изгради и најдолгиот ѕид за мурали во Југоисточна Европа, како симбол на современата уметност и младинската енергија.

Скупи – отворен археолошки центар

Античкиот локалитет Скупи ќе биде повторно отворен за јавноста и интегриран во културниот живот на Скопје. Просторот ќе се активира преку театарски претстави, уметнички резиденции и фестивали, со цел да стане жив археолошки центар достапен за посетители.

Старата Чаршија – ревитализација со почит кон традицијата

Ѓорѓиевски најави и сеопфатна ревитализација на Старата скопска чаршија, со унифициран изглед, подобрено урбано функционирање и зачувување на автентичноста. Историските објекти ќе добијат нова културна функција, преку пренамена во уметнички ателјеа, пазари и културни центри.

Скопското Кале – тврдина на културата

Калето ќе се развие во жив културен центар, со сцени за концерти, театри и фестивали. Ќе се адаптира за едукативни активности и изложби, со современо осветлување и инфраструктура која ќе ја нагласи неговата историска и туристичка вредност.

Поддршка на културните институции и фестивали

Ѓорѓиевски најави унапредување на работата на МКЦ, Музејот на град Скопје, КИЦ и Кино „Милениум“, кое ќе биде целосно реконструирано и пренаменето во мултифункционален културен објект.
Покрај тоа, Скопје ќе добие системска поддршка за културните фестивали: Skopje Jazz Festival, Skopje Calling, Пиволенд, Виноскоп, Баскерфест, Фестивал на светлина, Скопје танцува, Скопски филмски фестивал и други.

„Скопје мора повторно да стане град на идеи, уметност и луѓе – град што создава, инспирира и обединува. Културата е инвестиција во иднината,“ порача Ѓорѓиевски.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна вестВработена во казино, украла пари од работното место
Следна вестОд концесии во првите шест месеци наплатени над 500 милиони денари, целта ни е да воведеме европски стандарди и знам дека ќе успееме во тоа, кажа Божиновска за МИА