Со кавги и прекупукувања се одвива денешна работа на собраниската Анкетна комисија за случајот „Онкологија“ на којашто треба да се донесат заклучоците за тоа кој е одговорен за скандалот кој ја потресува оваа здравствена институција. Проблемот настана кога претседателката на комисијата Рашела Мизрахи понуди заклучоци во кои е наведена вина, односно, се бара политичка одговорност на поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, тогашните медицински и економски директор на Онкологија Нино Васев и Нехат Нухи, тогашната директорка на Државне здравствен инспекторат Ирина Сотирова-Букова, тогашните директори на ФЗО Стево Крстевски и Фатон Ахмети. Одговорноста, според заклучоците, била утврдена поради прекршување уставни начела, непостапување во согласност со надлежностите што се пропишани во законите од областа на здравствениот систем, како и прекршување позитивни прописи од подзаконските акти, со кои се уредуваат организацијата, работењето и контролата на здравствените установи.
Мизрахи, објаснувајќи ги заклучоците, потенцираше дека клучниот документ кој ги утврдува неправилностите во работата на Клиниката за онкологија е извештајот на Државниот завод за ревизија за 2021 година, кој извештај, како што посочи, ДЗР како овластена институција јавно го објавила во април 2023 година, а кој уште во текот на изготвувањето им бил претставен на раководните лица во Министерството за здравство, како и директорите во ЈЗУ Клиника за радиотерапија и онкологија.
По претставувањето на овие заклучоци од Мизрахи, реагираа пратениците членови на СДСМ, кои истакнаа дека не се согласуваат со овие заклучоци оти, како што рекоа, се заклучоци само од членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Посочија дека ќе бараат да даде оставка претседателката на Анкетната комисија Рашела Мизрахи. Потоа, Мизрахи даде пауза од еден час.
По ова пратеникот на СДСМ Ненад Коциќ ги обвини Мизрахи и ВМРО-ДПМНЕ дека ја злоупотребиле Комисијата за Онкологија. Претходно, пратениците од СДСМ ги искинаа заклучоците на Мизрахи.
-Побегнаа затоа што немаат никакви аргументи. Сакајќи да ги престави своите или заклучоците од белата палата како заклучоци на Комисијата, направи преседан во Сообранието и ја злоупотреби својата политичка функција. Рашела Мизрахи требаа веднаш да си поднесе оставка, заради својот однос кон пациентите на Онкологија, кој е недозволив. Мизрахи, на анкетната комисија само ги прочита заклучоците кој доаѓаат од блата палата на ВМРО-ДПМНЕ и без гласање си замина еден час на пауза., рече Коциќ.
Во изјавата тој додаде дека СДСМ ги изнесе своите заклучоци во кои бараат од Основно јавно обвинителство веднаш да ги расчистат сомнежите за терапијата на Клиниката на Онкологија. Оттаму велат дека постоеле долгогодишни системски слабости на функционирањето на Клиниката , констатирани во извештаите за 2021, 2012 и 2008 година.
Пратеничката Рашела Мизрахи потоа одржа прес-конференција на која 45 минути цитираше закони и подзаконски акти кои, според неа, биле прекршени од страна на сите здравствени институции па така бил укинат контролниот механизам, поради што било загрозено уставното право на граѓаните на еднаква здравствена заштита и се создал амбиент за, како што рече, „здравствен башибозук“.
– Моите заклучоци не се базирани ни на политика ни на вендета. Имаше нервозна атмосфера кога ги прочитав, иако само ја следев законската патека за тоа како требало да функционира системот, а не функционирал. Денеска побараа мое разрешување заради тие заклучоци. Не е првпат. Ќе стојам зад вистината и фактите, рече Мизрахи.
Таа додаде дека два месеца „дише со законите за здравствена заштита“ и благодарение на тој посветен пристап, утврдила, според законите, кој е виновен и пропуштал дејствија.



