Министерот за здравство Азир Алиу нареди вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и стручен надзор, по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство на 1 октомври. Реакцијата следува откако во јавноста беа објавени интерни документи во кои се наведува сомнеж за лекарска грешка.
Од Министерството за здравство изразија сочувство до семејството на починатото новороденче и информираа дека целта на контролите е целосно утврдување на сите околности и расветлување на случајот. Како што наведуваат, постапката ќе се спроведе професионално, стручно и транспарентно, а јавноста навремено ќе биде информирана за наодите и преземените активности.
Од Министерството апелираат да се почекаат резултатите од инспекцискиот и стручниот надзор, како и обдукцискиот наод, кој, како што посочуваат, е единствен и конечен за утврдување на причините за смртниот исход, со цел да не се создава дополнителен немир кај семејството и во јавноста.
Во соопштението се нагласува дека Клиниката за гинекологија и акушерство е терцијарна здравствена установа која работи согласно законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи, а јавноста ќе биде информирана по добивањето на сите релевантни наоди.
Во меѓувреме, Комисијата за здравство на СДСМ побара итна оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Ирена Алексиовска-Папестиев, поради, како што наведуваат, прикривање на случај со смрт на новородено бебе и сомнежи за лекарска грешка.
– Родителите биле уверувани дека смртта била неизбежна, додека интерни документи од Клиниката укажуваат на сериозни пропусти во лекувањето – изјави Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ.
Според СДСМ, началничката на интензивна нега писмено пријавила дека несоодветно лекување и 20-минутна реинтубација довеле до компликации и смрт на бебето, а директорката, иако била навремено известена, два месеци не го пријавила случајот. Од партијата бараат целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани, без оглед на функцијата или хиерархијата.