Инцидент се случил вчера кај месноста „Грашница“ на Охридско Езеро откако 38-охриѓанец бил затекнат како незаконски лови риба со харпун, а потоа ја нападнал и полицијата. Случајот во јавноста го изнесе невладината организација „Охрид СОС“ која во објавата на Фејсбук детално го опиша случајот.
-Пред неколку дена, сакајќи да го фотографира ова ново семејство лебеди, наш сограѓанин кај Грашница регистрирал и нешто друго. Отпрвин не бил сигурен, но добил потврда од жител на населбата дека се работи за индивидуа која лови крап со харпун. Оваа практика траела извесно време, обично пред стемнување, кога крапот се спуштал на мрест. Ова не е првпат, и не е само на оваа локација, постојат повеќе сведоштва. Повторно се десеткува риба при мрест, на начин кој е забранет со закон, се наведува во објавата.
Од Здружението наведуваат дека во Законот за рибарство и аквакултура, член 93 (Забрани) е наведено дека во риболовните води е забрането „ловење риби за време на мрестењето на рибите или за време на ловостој утврден во риболовната основа“, како и „ловење риби со ости, подводни пушки, непосредно со раце, трокуки, како и со мрежичка на трска, а за рекреативен риболов“. Дополнително, во член 112 е предвидена глоба во износ од 500 до 1000 евра во денарска противредност ако физичко лице „лови риби за време на мрестењето на рибите или за време на ловостој“, „и се движи или задржува во непосредна близина на риболовните води со носење мрежа, експлозив или други забранети риболовни средства (член 93)“.
Во објавата потоса се додава дека Министерство за внатрешни работи, во текот на вчерашниот ден објавило дека во 4 часот изутрина, кај месноста „Грашница“ во Охрид, лишен од слобода бил 38-годишен охриѓанец. Тој претходно физички ги нападнал полициските службеници кои преземале службени дејствија во врска со „незаконит риболов“.
-По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираше портпаролот на СВР Охрид.





