Во светот на спортот се паметат оние кои освоиле медали, но се паметат и оние кои за првпат во некој спорт ја претставувале својата земја на значајни натпревари. Таков еден историски настап како прв претставник на Македонија во 2017 година имаше и младата лизгачка Ангела Прилепчанска на тогашниот светски јуниорски натпревар во уметничко лизгање што се одржуваше во Загреб, Хрватска. Сега дваесетгодишната Ангела тогаш имаше 13 години. Инаку, оваа студентка на ФИНКИ со лизгалките за првпат се сретнала на 4-годишна возраст кога мајка и ја носела на лизгалиштето под Кале заедно со сестра и. Потоа, продолжила да вежба на лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“.
-Сестра ми Деана тогаш прва почна интензивно да вежба во групата на тогашниот тренер Ксенија Јастшењски – Симиќ, која е основоположникот на уметничкото лизгање во Македонија. Тоа ме поттикна и мене да почнам да вежбам по што тренерот успеа за многу кратко време да направи од рекреативци – први натпреварувачи во уметничко лизгање. Откако беше поставен вистински мраз и ни беа купени првите професионални лизгалки, желбата и мотивацијата да продолжиме и попосветено да се занимаваме со овој спорт станаа поголеми и следуваа успешни настапи на меѓународни и домашни натпревари, ни вели Ангела.
Таа додава дека иако условите за лизгањето во Македонија не се добри сепак се обидува да даде се од себе. Во тоа и успева, а доказ за тоа се и освоените награди. Освен настапот во Загреб Ангела зад себе има и титула на двократен јуниорски шампион и неколкукратен вице-шампион на Македонија од младинска па се до сениорска категорија. Воедно го држи и рекордот на најмногу освоени поени од краток и слободен програм освоени на меѓународен натрпевар воопшто за лизгач од Македонија.
–За жал институциите и покрај сите апели не успеаа да го заградат лизгалиштето во СРЦ „Борис Трајковски“, а за некоја поголема затворена арена на мраз воопшто нема интерес да се изгради. За време на сезоната имаме два тренинга на мраз секој ден, односно првиот започнува во 6.30, пред почетокот на часовите во училиште и факултет, и попладневни тренинзи после часовите. Воедно имаме и дополнителни часови по балет кои се клучни за држењето на телото кое треба да го пренесеме во кореографијата на мразот. Дополнително имаме и кондициски тренинзи и специјални тренинзи во сала со кои ја подигнуваме физичката подготвеност со цел подобра изведба на елементите во кореографиите, објаснува Ангела.
На младите луѓе таа им препорачува упорност при спортувањето.
–Да се поседува талент е огромен дар, но само со талент не може да се постигнат поголеми успеси. Потребно е да се вложува огромен труд за постојано вежбање и усовршување, а воедно потребна е огромна посветеност и жртвување. Кога се занимаваш професионално со спорт, освен желбата да постигнеш врвен резултат и да успееш во она што го сакаш, со себе ја носиш и одговорноста да ја претставуваш и својата земја, а тоа за секој спортист е императив, потенцира Ангела.
Желба да ја претставува Македонија на Олимпијада
–Еден од соништата ми е тука во Македонија да имаме лизгалиште кое ќе биде опремено по светски стандарди. Огромна желба и сон ми е да ја претставувам Македонија на уште многу меѓународни и светски натпревари, можеби и олимпијада. Но исто така желба и сон ми е да сум инспирација и мотивација на многу други млади деца да почнат да се занимаваат професионално со овој прекрасен спорт и да им помогнам да ги надминат и моите успеси, вели Ангела.