Спасовски: На 4 февруари ќе одлучиме дали Џамбаски ќе влезе во земјава

На 4 февруари ќе се реши дали на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски ќе му биде дозволено да влезе во Македонија за да оди на чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во одговор на новинарско прашање.

За Спасовски врвен приоритет е Владата да го зачува мирот и стабилноста во државата.

-Не е добро за политичките односи и внатре во државата и помеѓу соседите. Знаеме дека секогаш имаме радикални структури кои поради лични или други интереси сакаат да се нарушува тој процес на стабилизација на односите. Од друга страна, никако не смееме да дозволиме да се наруши безбедноста на нашите граѓани. Владата вчера разговараше на оваа тема, го заложи МВР да преземе надлежности во зачувувањето на безбедноста и стабилност во соработка со Агенцијата за национална безбедност, изјави Спасовски.

Владата на вчерашната седница не донесе одлука по предлогот на претседателот Пендаровски да се воведе забрана за неколку лица од Бугарија. Пендаровски, напоменувајќи дека тој според неговите надлежности може само да предложи ваква мерка, рече дека предлогот за забрана на влезот во Македонија се однесувал на повеќе лица од Бугарија, меѓу кои и еден пратеник на земјата во Европскиот парламент.

Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека министерот Бујар Османи ќе треба да одлучи дали ќе му биде дозволен влезот на бугарскиот европратеник. Премиерот гарантира дека одбележувањето на денот на раѓањето на великанот ќе помине мирно.

-Се што е во надлежност на Владата ќе биде направено, со цел да се гарантира мирно и достоинствено одбележување на 4-ти февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев. Тие активности (прогласување за нерсона нон-грата) се на МНР и се спроведуваат врз основа на Законот за странци и одредбите кои регулираат кое лице не може да влезе во државата, а поради активности кои ги нарушуваат односите меѓу државите. Без разлика ако е политичар или друго лице, ако МНР го идентификува таквото лице, тоа не може да влезе во државата. Достоинството на нашата држава е врвен приоритет, посочи Ковачевски.

Во исто време, европратеникот Џамбаски веќе најави дека на 4-ти февруари ќе биде во Македонија пред гробот на Гоце Делчев. Во објавата на својот профил на Фејсбук тој го прозва претседателот Стево Пендаровски.

-Пендаровски, познат како Стево Коминтерната, рече дека ќе ми забрани да се поклонам пред саркофагот на Бугаринот Гоце Делчев?! Не можам да одбијам толку убава покана. Стево, те чекам да дојдеш!, напиша Џамбаски.

Претходна вестБугарката Игнатова e меѓу 10-те најбарани бегалци на ФБИ
Следна вестИздадена книга со есеи на Горан Стефановски во Франција