Американската Сојузна комисија за комуникации (Federal Communications Commission – FCC) го одобри барањето на компанијата SpaceX за распоредување на дополнителни 7.500 Старлинк сателити од втората генерација, со цел значително унапредување на сателитските интернет-услуги на глобално ниво.
Со оваа одлука, компанијата на Elon Musk доби дозвола да управува со вкупно 15.000 одобрени сателити од новата генерација, што претставува половина од речиси 30.000-те сателити за кои СпејсИкс претходно поднесе барање.
FCC истовремено ѝ дозволи на компанијата да ги надградува сателитите и да работи на пет различни фреквенции, со што се укинуваат дел од старите ограничувања кои ја попречуваа покриеноста и капацитетот на мрежата. Дополнителните сателити ќе овозможат директно поврзување со мобилни уреди надвор од САД, како и проширена покриеност во самата земја, со интернет-брзини до 1 гигабит во секунда.
„Ова одобрение претставува пресвртница за услугите од нова генерација“, изјави претседателот на FCC, Brendan Carr, нагласувајќи дека новите сателити ќе донесат невидени можности за сателитски интернет, ќе ја зајакнат конкуренцијата и ќе придонесат ниту една заедница да не остане без поврзаност.
Иако FCC оцени дека проектот е во јавен интерес, комисијата засега ја одложи авторизацијата за преостанатите 14.988 предложени сателити, особено оние што би орбитирале над 600 километри височина, со образложение дека сателитите од втората генерација сè уште не се целосно тестирани во орбитата.
Според условите на одобрението, СпејсИкс мора да лансира и да стави во функција најмалку 50 проценти од одобрените сателити до 1 декември 2028 година, додека целосното распоредување треба да заврши до декември 2031 година. Дополнително, компанијата е обврзана да го заврши распоредувањето на 7.500 сателити од првата генерација најдоцна до ноември 2027 година.
Минатата недела Starlink најави дека во 2026 година ќе започне реконфигурација на својата констелација, при што сателитите од висина од околу 550 километри ќе бидат спуштени на 480 километри, со цел зголемување на безбедноста во орбитата.
Во декември, компанијата информираше и за редок инцидент во вселената, кога еден Старлинк сателит доживеал аномалија што предизвикала мала количина вселенски остатоци и прекин на комуникацијата на висина од 418 километри.
Со околу 9.400 активни сателити, Старлинк моментално е најголемиот светски сателитски оператор, обезбедувајќи интернет-услуги за потрошувачи, влади и деловни корисници. Поранешната претседателка на FCC, Jessica Rosenworcel, во 2024 година предупреди дека доминантната позиција на Старлинк бара поголема конкуренција, посочувајќи дека мрежата тогаш контролирала речиси две третини од сите активни сателити.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:


