Со запалени свеќи и во тивка, достоинствена атмосфера, попладнево во Кочани се одржа мирен собир под мотото „Два града – иста болка“. Граѓани од сите генерации се собраа за да изразат сочувство и солидарност со семејствата на жртвите од трагедијата во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана.
На собирот присуствуваа и родители на децата кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тие порачаа дека длабоко ја разбираат болката, загубата и празнината што ја остава ваква трагедија, нагласувајќи дека тишината понекогаш зборува погласно од зборовите. Во својата порака упатија повик за солидарност и човечко сочувство со семејствата погодени од трагедијата во Швајцарија.
Во знак на почит кон загубените животи, присутните испуштија 40 бели балони кон небото, како симбол на младоста што прерано згасна.
Без говори и без транспаренти, собирот помина во тишина, прекината само од трепетот на свеќите. Пораката беше јасна – болката нема граници, а човечката солидарност ги поврзува луѓето и градовите во најтешките моменти.
Во пожарот во Кран-Монтана животот го загубија 40 млади лица, додека во трагедијата во Кочани, за време на настапот на групата ДНК, загинаа 63 лица.




