Од вкупно 248 пријавени болни и изнемоштени лица, до 19 часот вечерва своето право на глас во четирите општини каде што се повторуваат локалните избори го оствариле 242 гласачи, соопшти Државна изборна комисија (ДИК).
Во Центар Жупа гласале две лица, во Маврово-Ростуше својот глас го дале 66 болни или изнемоштени лица, во Врапчиште гласале 31 лице, додека во Гостивар гласале 143 лица.
Покрај болните и немоќните, денеска гласаа и затворениците. Од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, до 19 часот своето право на глас го оствариле 45 затвореници.
Од ДИК информираат дека гласањето за овие категории на гласачи се одвивало непречено и без забележани проблеми или недоследности. Гласачките ливчиња, сместени во посебни пликови, се додадени во гласачките кутии кои ќе бидат отворени по утрешното затворање на избирачките места во 19 часот. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите ќе се врши заедно со резултатите од утрешното гласање.
Изборите во Центар Жупа, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Гостивар се повторуваат поради недоволен одѕив на гласачи во првиот круг од локалните избори одржан во октомври минатата година. Согласно Изборниот законик, за изборите да се сметаат за успешни, на гласање треба да излезат најмалку една третина, односно 33,33 отсто од запишаните гласачи во Избирачкиот список во конкретната општина.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:



