Темен режим Режим на светлина

Среќа наша Универзална сала не може да оди…

Универзална сала во Скопје. Тоа веднаш потсетува на многу убави настани, концерти… Да ама тоа се потсетуваат постарите, а новите генерации…? Тие кога ќе се спомене Универзална сала мислат на урнатини, на многу ветувања дека ќе се направи, на институционално пимплање…

 Таква е приказната за скопската Универзална сала, култен културен објект за кој емоционално е поврзан голем број на граѓани од сите генерации во метрополата. И сега кога се помисли дека конечно ќе се поправи работата околу овој објект – новата скопска градоначалничка Данела Арсовска реши да се стопираат работите на реконструкцијата бидејќи се утврдени пропусти во проектот.

-Градежните работи за реконструкција на надворешноста на Универзална сала се во застој оти проектот има грешки и не е безбеден. Овој проект го наследив од претходното градско раководство кое и покрај недостатоците пред локалните избори ги почнале градежните работи. Сега се прават измени на проектот по што ќе продолжи изградбата на фасадата и куполата, објасни Арсовска на вчерашната прес-конфренција.

Нормално, веднаш следуваше и деманти од владеачката партија СДСМ.

–  Целосно е неточно дека проектот за изградба на Универзална сала е небезбеден. Проектот е професионално сработен и одобрен низ повеќе постапки од стручни лица и целосно е безбеден, соопшти оваа партија чиј градоначалник Петре Шилегов не ја доби повторната доверба на граѓаните на локалните избори.

Што е вистината, очигледно, ќе остане нејјасно во догледно време. Она што е реалност е тоа дека повторно се случува да поминуваат месеци и месеци, а овој култен објект никако да се среди и да биде повторно центар за собирање на граѓани и за разни културни манифестации. Така е веќе седум години откако во 2015 година, по силни дождови, и се оштети покривот и падна дел од плафонската конструкција. Меѓутоа, приказните за нејзината обнова почнаа уште пред таа хаварија. Но, сето тоа без епилог.

Првиот проект за реновирање на Универзална сала беше направен во 2009, според кој се задржува автентичниот изглед, но салата се надградува со застаклена галерија околу целиот објект и се зголемува бројот на седишта за 200. Но, никогаш не се реализира. Потоа, во 2013 година, во време на градоначалникот Коце Трајановски и на министерката за култура Елизабета Канческа, беше актуелен проект таа да се урне и изгради нова во форма на јајце. Но, во 2016 тој проект се откажа од финансиски причини. Се најави проект со реконструкција на постоечкиот објект со доградба на застаклена галерија.

По доаѓањето на Петре Шилегов со тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски беше потпишано „писмо за намери“ во 2018 година за нејзина обнова. Но и тоа не се оствари. Во меѓувреме, се редеа неколку најави од Шилегов дека ќе се почне со нејзината реконструкција. Во мај 2018 имаше најави дека реконструкција следи во 2019 година. Последното ветување е од април 2020 година кога тој рече дека проектот за Универзална сала годинава ќе се реализира и од причина што Скопје е кандидат за европскиот град на културата во 2028 година. Претходно, во декември 2019 година беше најавено дека изградбата на нова Универзална сала ќе започне веднаш во јануари 2020  година. На крајот, беше потребно Владата да одвои два милиони евра со кои во јуни минатата година почна реконструкцијата којашто сега е запрена и не се знае кога и како ќе продолжи.

Среќа наша Универзална сала не може да оди… сигурно би си заминала од Скопје.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава
Ѓоковиќ по три сета до осминафинале на турнирот во Индијан Велс

Ѓоковиќ призна дека нема да може да игра во САД бидејќи не е вакциниран

Следна објава

Кривична пријава за 4 лица од поранешното скопско раководство, за веб-страна платенo 75.000 евра