Среќа немало деца: Падна таван во градинка во Карпош

Околноста што вчера беше недела и неработен ден спречи трагедија откако во една од главните простории во детската градинка „Мајски цвет“ во скопски Карпош падна таванот. Немилиот настан се случил додека градинката била празна, а со тоа се одбегнала можноста да настрадат некое дете или вработен во градинката.

На социјалните мрежи денеска се споделуваа фотографиите од паднатиот таван во оваа детска установа во која се згрижуваат децата од населбата Тафталиџе 2 и пошироко. На нив се гледа како речиси цел таван е паднат врз масички и столчињата на коишто седат и се играат децата.

Веста за ова на Фејсбук ја објави и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Среќа во несреќа е што во градинката „Мајски цвет“ (Карпош, Тафталиџе 2) таванот паднал за викендов, кога немало дечиња, и нема повредени, ниту жртви. Но, одговорност за ваквата ризична градба, за фушерајот за објект кој згрижува мали деца и за тендерот треба да има, напиша Антонио Милошоски на Фејсбук.

Тој потсети дека имало дури пет активности при увидот во градбата и отворањето на оваа градинка.

Имаше дури 5 настани, една со Заев и Богоев, па потоа Богоев и Царовска, по неколку месеци Заев, Богоев и Шахпаска заедно, сите настани со прес конференции како СДСМ квалитетно гради, и колку добро СДСМ се грижи за децата. И еве го резултатот. Голема среќа што таванот паднал за викенд, кога градинката била празна, додава Милошоски.

Официјалните лица се уште немаат коментар за овој загрижувачки инцидент. Засега не е извесно дали ќе има и истрага кој е виновен сето тоа.

Претходна вестМакедонија ќе ги толкува изјавите на германскиот канцелар Шолц?
Следна вест400 санкционирани возачи на мотоцикли, 84 возеле без дозвола