Литургија за помирување на 19 мај во храмот „Свети Сава“ во Белград ќе одржат српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан, јавија српските медиуми. Медиумите во Србија ја пренесуваат објавата на „Танјуг“, за кој оваа информација ја дале извори од српската Патријаршија, наведувајќи дека литургијата ќе почне во девет часот, а ќе сослужуваат сите архиереи на двете цркви.
–Патријархот Порфириј го повикал верниот народ во што е можно поголем број да присуствува на архиерејската литургија, се наведува во информацијата.
Потврда за ова нема од страна на МПЦ -ОА. Извори од македонската православна црква за МИА не можеа да потврдат дали на 19 мај ќе се одржи заедничката литургија, но напоменаа дека Светиот синод деновиве ќе заседава и ќе се произнесе за вчерашната одлуката на СПЦ и за сите останати прашања.
Извори од МПЦ-ОА вчера за МИА, пак изјавија дека МПЦ-ОА не добила покана и не планира одржување заедничка света архијерејска литургија меѓу великодостојниците на нашата и на Српската православна црква на крајот на годишниот Собор на СПЦ, што започна завчера во Сремски Карловци, а чиј работен дел во наредниве денови продолжува во Белград.
Соборот на Српската православна црква вчера прогласи канонско единство со МПЦ-ОА, кое подразбира најширока можна автономија, но не и автокефалност.




