Цените во маркетите секојдневно растат. Просто продавачите не можат да постасаат нови цени да залепат на разните производи. Има ли секогаш економско оправдување за ценовните скокови кои малку по малку станаа големи?
-Што се случи за да кашкавал кој чинеше пред еден – два месеци 390 денари сега да стане 499 денари, ја праша продавачката во супермаркет еден аеродромец.
Случката се деси утрово, а човекот откако како одговор доби само згрчени рамена, го остави кашкавалот на рафтовите, наместо во корпата.
Вакви прашања се повеќе си поставуваат граѓаните кога пазарат. Што толку поскапе за да мора кашкавал да се покачи за скоро 30 проценти? Литар јогурт кој чинеше до неодамна 50 денари сега има цена над 62 денари. Неопходно ли е толкавото поскапување? Да споменуваме ли за цените на лебот, маслото…?
-Ми се чини дека некои производители и трговци состојбата со инфлацијата ја злоупотребуваат за премногу да ги качат цените, ни вели друг купувач.
Да смениш зимски гуми (кои веќе одамна си ги купил) сега ти наплаќаат над дваесет посто повеќе. Што им се покачило во процесот каде само клуч и хебла работат во рацете на мајсторот, за да и тие покачуваат цени? Или можеби ги покачија платите на мајсторите? Електричар да ти смени утикач, веќе дига цени…
Цените на становите оправдано ли скокнаа толку високо? Да, имаат зголемени трошоци, ама толкави ли се колку што ги дигнаа цените?
На почетокот на март годинава Владата донесе одлука со која ги ограничи маржите на трговците на цените на основните прехранбени производи. И вети дека се ќе прави да нема злоупотреби за време на кризата. А ако цените се реални, тогаш треба министрите да мислат за некаква помош на производителите, оти цените стануваат преголем товар за голем дел од населението во Македонија.




