Финска и Шведска утрово и официјално ги поднесоа нивните кандидатури за членство во Северноатлантската Алијанса преку нивните амбасадори во седиштето на НАТО во Брисел. Апликациите ги прими генералниот секретар, Јенс Столтенберг, нарекувајќи го овој чин “историски“, тој додаде дека оваа одлука е клучна за безбедноста на Европа.
-Почестен сум што ги добив апликациите на Финска и Шведска за членство во НАТО, напиша генералниот секретар на Алијансата на Твитер.
Финска и Шведска се очекува брзо да го финализираат процесот на зачленување во НАТО бидејќи ги исполнуваат основните критериуми, а се веќе и интероперабилни со системите на Алијансата. Овие две земји одлучија да аплицираат во НАТО откако се засили воената агресија на Русија врз Украина, тие сметаат дека НАТО им нуди поголема безбедност во непредвидлив период.
Процесот за пристапување во НАТО Алијансата може да трае и до една година, а на тој пат стои и Турција која е против членството на Шведска и Финска.
Претставниците на овие држави во понеделник одат во Анкара, со цел да влијаат на промената на ставот на Турција.



