Колумна на Владимир Величковски:
Неспорно е дека физика, хемија и биологија се клучни предмети, додека музичко и ликовно секогаш биле споредни релаксирачки предмети (порано оценувани описно). Мора да се нагласи дека овие две дисциплини (стуткани во еден час со новата „реформа“) не се само емоција и убавина туку се обединувачки агенси со специфични уметнички суштини и интердисциплинарни потенцијали: музиката и ликовното творештво на свој начин создаваат ред во хаосот, што не е без значење во време на деструкција. Што направија од предметот историја, потоа со македонскиот јазик, маргинализирајќи ја сфера на културата и уметноста кои се клучните идентитетски знаци на препознавање на еден народ. На што ги учиме децата во ова гнило, докрај партизирано и дехуманизирано општество? Секојдневно слушаме за криминал и тешка корупција, за примери на примитивизам и дилетантизам во разни области: децата се бомбардирани со невкус и брутално нарушена градска средина без места на препознавање, со секојдневната предоминантна „црна хроника“ и „поучните“ турски серии и активизмот на кич-луѓето. Каде учениците и студентите може да слушнат музичко и да видат уметничко ремек-дела?
Институциите и стручњаците, не случајно го рекоа своето- „не“ за новата претенциозно наречена „крупна реформа“ (наместо поскромно постепено правење извесни промени) во основното образование релевантно за средното и за високото образование. Каков парадокс е што имаме толку дипломи и титули а рекорден број на неписмени?! За пример е земен туѓ модел-финскиот во кој се прошируваат содржините од уметноста, а ние го стеснуваме или редуцираме нејзиното значење. Кај нас не може да стане збор за успешно финансирање, создавање квалитетни наставници и создавање добри авторски учебници. Наставникот треба да умее да препознае талент и способности кај одделни ученици. Не ми е познато дали е направено темелно истражување на состојбите во образованието за да се обрне подеднакво внимание на сите места и елементи. На тој начин ќе може да се планира долгорочно и да се извршат промени кои ќе одговараат на новите услови и можности. Во такви понижувачки услови колку ќе биде можно да се охрабри и развива самостојното, слободно и критичко мислење на учениците и студентите, нивното отворено и спонтано реагирање на сите отворени прашања примерени на нивната возраст. Младите, зависници од компјутер и мобилен може да бидат дури и подобро информирани од нивниот наставник, но се разбира не е се во механичкото преземање на готови (не секогаш проверени) податоци, а учебниците ќе се редуцираат. Ваквата кампањски смислена „крупна реформа“ требало да се реализира по извршената селекција на најдобрите предлози и коментари добиени (во непристојно кус рок), предлози и коментари што ќе бидат селектирани и вградени во програмата (не се знае кој ќе го направи тоа?!).
Станува збор, најверојатно за уште еден експеримент со кутрите деца и родителите кои тешко преживуваат. Не треба да се заборави на свежината на детскиот цртеж, песничка, игра или танц!. Јас би можел да предложам да се воведе час по култура на однесување и етика како и нов школски предмет (по туѓ модел): насловен „Силни со духот“, факултативно, но со повторувачи.