Светска метеоролошка организација: Изминатата недела беше најжешката во историјата

Во рекордно топлиот јуни се забележани невидени температури на површината на морската вода и рекордно мала количина мраз на Антарктикот. Рекордните температури на копното и во океанот би можеле да имаат разорно влијание врз екосистемите и животната средина, велат од Светска метеоролошка организација.

– До високите температури во јуни и почетокот на јули дојде на почетокот на развојот на Ел Нињо, за кој се очекува дополнително да ги зголеми температурите и на копното и во океаните и ќе доведе до поекстремни температури и морски топлотни бранови, изјави Кристофер Хјуит, директор на климатскиот сервис во Светска метеоролошка организација.

Тој додаде дека може да се очекува дека ќе бидат соборени повеќе рекорди како што се развива Ел Нињо и дека тоа влијание ќе се почувствува до 2024 година.

Ова е загрижувачка вест за планетата, рече тој.

Омар Бадур од Светска метеоролошка организација вели дека, според податоците на партнерите на организацијата во различни делови на светот, првата недела од јули поставила нов рекорд во однос на дневните температури.

Извештајот на европската служба за климатски промени Коперникус покажа дека јуни оваа година е нешто повеќе од 0,5 степени над просекот од 1991 до 2020 година, надминувајќи го претходниот рекорд поставен во јуни 2019 година.

Рекордни јунски температури се забележани низ северозападна Европа, делови од Канада, САД, Мексико, Азија и источна Австралија.

Јуни беше постуден од вообичаено на неколку места, вклучително и западна Австралија, западниот дел на САД и западна Русија.

Според податоците на Коперникус, температурите на површинските води во северниот дел на Атлантикот се „неверојатни“, како и температурите на целите океани.

Претходна вестЗа неплатени даноци фирмите и граѓаните должат 140,5 милиони евра
Следна вестОдлука на Врховен суд: Државата на Верушевски треба да му исплати по 5.000 денари за секој од 344 дена поминати во притвор во 2015 година