Учениците од основните и од средните училишта денеска се враќаат во училишните клупи откако Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) го стави во мирување штрајкот на вработените кој започна на 11 април. Според сознанијата, наставата е започната во голем дел од училиштата.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска синоќа порача дека просветните работници мора да се вратат на работа. Во спротивно, ќе се соочат со сериозни проблеми.
-Согласно одлуката на СОНК, штрајкот е ставен во мирување и од утре наставниците мора да се вратат на работа. Ако не го сторат тоа, ќе се соочат со низа проблеми. Може да добијат дисциплинска постапка, да изгубат работа, рече Тренчевска.
Министерството за образование, пак, вчера ја поздрави одлуката на СОНК и соопшти дека е подготвено да ги продолжи преговорите околу синдикалните барања.
-МОН постапи согласно Законот за мирно решавање на работните спорови и упати барање до Министерството за труд и социјална политика за одредување на помирувач во овој процес. Со оваа одлука, ја искажуваме спремноста за продолжување на процесот на преговори со социјалните партнери и изнаоѓање на најдоброто решение за сите во овој случај, велат од МОН.
Но, вчерашната одлука на Советот на СОНК за прекин на штрајкот предизвика и вриеж во синдикалните редови. Дел од револтираните наставници синоќа се собраа пред седиштето на СОНК каде со свирежи и скандирање побараа оставка на синдикалниот лидер Јаким Неделков. Тие се револтирани од одлуката на раководството да се стави штрајкот во мирување.
-Спонтано сме собрани, бидејќи сме изненадени од одлуката на нашиот синдикален лидер, Јаким Неделков, кој постојано нè консултираше и бараше од нас поддршка за одлуките што ги носи. Бидејќи самиот изјави колкав дел од синдикалните оргнизации се изјаснија дека штрајкот треба да продолжи, но се ретерира од таа одлука. Се свикува состанок со Владата без знаење на членството и се носи нова одлука. Сето ова спонтано излезе и се собравме да изразиме револт. Тој е должен е да дојде и да објасни зошто ја промени одлуката, изјави една од незадоволните членки на СОНК на вечерашниот протест.
Тие наведуваа дека штрајкот не беше никаков работен спор, па сега да има период на примирје.




