Вардар со гол од пенал славеше над Шкендија среде Тетово, домаќините постигнаа и гол – ВАР го поништи

41

Понеделник, во невообичаен и непопуларен термин од 13:30 часот, кога повеќето се на работа или на училиште, Шкендија и Вардар го одиграа првото големо дерби за титулата оваа сезона.

Натпреварот понуди динамичен и возбудлив фудбал со неколку опасни ситуации пред двата гола. Малку поопасни беа домашните, особено во 31. минута, кога Давор Талески одбрани силен удар од слободен удар на Бесарт Ибраими, а на одбиената топка Роналдо Вебстер се обиде да погоди, но Филип Најдовски спасува од самата гол-линија.

Веднаш по стартот на второто полувреме, по едно нафрлување од корнер, Адаму Алхасан играше со рака во својот шеснаесетник, па Вардар доби пенал. Давид Бабунски беше прецизен од белата точка и го испрати Бубакар Гаје во спротивната страна за водство од 0:1.

Во 88. минута, Бесарт Ибраими со глава ја затресе мрежата и израмни на 1:1, но радоста беше кратка — по преглед на ВАР, голот беше поништен поради офсајд позиција на најдобриот стрелец во историјата на првата лига.

Ова е прва победа на Вардар во гости кај Шкендија по дури 8 години!

Ова беше последен натпрервар од 10-тото коло, по кое Вардар сега е лидер со бод предност пред Струга. Прволигашките возбудувања продолжуваат веќе в среда, четврток и петок за кога се закажани натпреварите од 11. коло, а за викендот нема да има натпревари поради одржувањето на вториот круг од локалните избори.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна вестДевет загинати и многу повредени при излетување на автобус од мост во Аргентина
Следна вестКолеги полицајци се собраа на местото каде загина нивниот колега – да му оддадат почит