Темен режим Режим на светлина

Веле Марков херојски загина откако беше предаден, последните зборови му беа „Ако нема слобода, има смрт! Но чесна и храбра”

Многу македонски револуционери загинале како резултат на внатрешните предавства што се случувале во периодот на нивната борба за слобода на македонскиот народ. Една од таквите личности е и Веле Марков, македонски револуционер, социјалист, член на ТМОРО и војвода кој херојски загина на денешен ден заедно со неколкумина соборци во борбата со османлиските војници во селото Ракитница во 1902 година. Роден во селото Селце, Крушевско, во 1870 година Веле Марков, кој подоцна добил прекар Милтон, во 1892 година заминал на печалба во Софија, Бугарија, каде се зближил со Васил Главинов и во 1895 година ја основале Македонската социјалистичка група. Во 1899 година, по враќањето во Македонија бил еден од основачите на социјалистички кружок во Крушево и со другите социјалисти стапиле во ТМОРО. Во 1900 година. во Битола основал социјалистички кружок, а во почетокот на 1901 година влегува во четата на војводата Никола Русински.  По заминувањето на Русински за Прилепско, од 29 август истата година е Крушевски војвода. Во четата на Русински како подвојводи во своите реони дејствуваат Јордан Пиперката, Веле Марков, Ѓурчин Наумов – Пљакот, Ванчо Србаков, Ѓорѓи Сугарев, Тале Христов и други. Како војвода, Веле успеа да ги организира селата од малата Крушевска нахија каде со својата чета од десеттина четници се движел низ крушевските, кичевските, прилепските и битолските села во широк простор во кој населението се надевало и ја барало неговата оружена заштита.

Во своето дело „Предавства и атентатите во македонската историја“, историчарите Виолета Ачковска и Никола Жежов детално го опишуваат предваството на Марков. Тие наведуваат дека на загинувањето на Веле Марков, претходеле некои настани кои посредно довеле до ликвидирањето на неговата чета. Тие настани се поврзани со уште еден од мноштвото предавници во 1902-та година. Имено Стојан Толев Чаде од с. Ракитница, во 1902 година на османските власти им посочил неколку свои соселани како припадници на револуционерната организација во Крушевско. Како награда за овој чин, Черкезот од Ново Село, Јонуз ага кај кого Стојан работел како момок, го наградува со нива во синорот на с. Ракитница, заедно со ѕевгар волови, а од власта беше награден со 50 турски лири.

На 9/22 јуни четата на Веле Марков влегла во селото Ракитница за да го казни предавникот Стојан Толев Чаде. Тука ќе заврши и животниот пат на војводата Марков. Запоседнати во селото тие го чекале предавникот Чаде, кој доцна вечерта се вратил од Ново Село во Ракитница. Стражарите кои го демнеле неговото враќање, веднаш го известиле војводата кој заедно со селскиот револуционерен комитет донесол одлука казната над него да се изврши утредента, пред сите селани, како што било договорено. Веле Марков му наложил на Гроздан Георгиев Пејкоски, утредента околу шест часот да ги собере средсело сите селани. Гроздан го одбил тоа изговарајќи се со наводната презафатеност во работата на Анкетната комисија. Изненаден и револтиран од ставот на Гроздан Георгиев, Веле Марков им рекол иа другите членови на селскиот комитет еден од нив утредента да го стори тоа. Потоа наредил да се блокира куќата на предавникот, како тој во текот на ноќта не би го напуштил селото.

Меѓутоа, Стојан Толев успеал да избега уште пред да биде блокирана неговата куќа. Точно не може да се утврди дали податоците за четата – нејзиниот состав и распоред тој ги добил од својата сестра Невена Сиркоска, мажена за Цветан Силјанов Сиркоски, брат на началникот на селскиот револуционерен комитет или пак од Гроздан Георгиев кој подоцна во 1904 година бил ликвидиран како предавник. Како и да е, предавникот им ги пренесол податоците на властите, односно стигнал до Јонуз ага во Ново Село кој веднаш го исвестил мудурот во Прибилци, а овој – гарнизонот во Битола.

Четата на 23 јуни 1902 (ст. стил) била нападната и сардисана од 500 османски војници во с. Ракитница. Всушност тоа биле Черкезите од Ново Село, аскерот и башибозукот од Прибилци и касарната во Стара Растовица. Во тешката и нерамна борба, не предавајќи се до крај и бодрејќи ги своите комити со зборовите “Ако нема слобода, има смрт! Но чесна и храбра”294, паднал убиен војводата Веле Марков. Задоцнетата помош на четата на Јордан Пиперката и на крушевската милиција не можела да ја измени ситуацијата, а последиците што ги почуствувале и месните жители и крушевчани, биле мошне тешки. Низ народот оставил силен впечаток грозоморниот акт на непријателот кој им ги пресекол главите на војводата Веле Марков и на неговите четници Т. Карев и Г. Кошинчето и ги носел за показ да го заплашува разбунтуваното население.

На помош на војводата Веле Марков притекнува милиција од градот, испратена од Крушевскиот раководител ѓакон Јосиф, како и четата на Демирхисарскиот војвода Јордан Пиперката. Но и тие не успеваат да раскинат обрачот.

-По целодневна борба четата имаше 6 загинати, меѓу кои беше и војводата Велко Марков. Османлиската војска имаше многу повеќе загинати, меѓу кои и Крушевскиот золумџија Јунус. Само, наследникот на Марков како Крушевски војвода, Ѓурчин Наумов – Пљакот и уште тројца четници успеваат да ја пробијат турската блокада, се наведува во трудот на историчарите Ачковска и Жежов.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

ДУИ е спремна истиот ден кога ќе стапат во сила уставните измени да ја напушти Владата

Следна објава

Власта намерно ли го доразболува здравствениот систем или не ja бива да го лекуваaт?