Власта намерно ли го доразболува здравствениот систем или не ja бива да го лекуваaт?

Состојбата во здравството е катастрофална поради несоодветна организација и менаџмент, поради партизација, поради неекономични трошоци и нерационално користење на ресурси, поради немање одговорност…, смета Сања Николовска

Огромни средства од државниот буџетот кој го полнат граѓаните секоја година се слеваат во здравствената каса и пак нема доволно лекови, нема апаратура, нема посериозни реновирања, а за нов Клинички центар и да не зборуваме, сега пак и врвни доктори се разрешуваат, не се знае кој е странец, а кој не при лекување…

 Само здравје! Ова е честата реченицата која си ја велат македонските граѓани и кога не им оди добро и кога се поздравуваат и кога… Но, за да се има здравје треба многу предуслови. Еден од покрупните е Македонија да има добар здравствен систем. А има ли?

Не може да се закаже навремен преглед, на операции се чека со месеци, шокантни умирања на пациенти, по болниците се помалку има доктори и медицински сестри, соодветна и квалитетна опрема има малку, а и тоа што ја има некогаш не се користи, позитивната листа на лекови не е сменета веќе цела деценија, многу лекови недостасуваат, сега пак и врвни доктори се разрешуваат од раководни места, не се знае кој е странец, а кој не при лекување (новиот ми истер има чуден критериум) сите се изедначуваат иако се нема доволно средства… Ова е македонското здравство.

Пред секои избори се дават големи ветувања за реформи, промени, подобрувања на здравствениот систем, ама… Болниците тонат во се поголеми милионски загуби, а огромни средства од народните пари се издвојуваат за здравството. Со години се збори за нов Клинички центар, за завршување на започнатите регионални болници, за нов систем… но ништо од тоа. Наместо да се реформира македонското здравство како да е на пат да се расформира како систем.

-Воопшто не сум задоволна од она што го имаме како здравство. На Онкологија не може да се стаса ни контрола да се направи. Во три амбуланти за контрола на дојки се чека многу, има по 80-тина пациенти секој ден. Со протести преку здружението го бараме лекот Трикафта. Дотогаш, овие пациенти немаат ни каде да се лечат. На Пулмологија имаат само една соба…, ни вели Лидија Балова.

Лоши болници, недостиг на лекари, опрема…

Заболените од цистична фиброза мораа повеќе пати да протестираат за да надлежните ветат набавка на поновиот лек. Тоа им се вети, но лек за сите се уште нема. Додека се чека, најтешко болните пациенти умираат. Кон крајот на март и почеток на април јавноста беше шокирана со ненадејната смрт на шестгодишно девојче и на бебе во битолската болница „Трифун Пановски“. Во јавноста излегоа информации за лошите услови во оваа болница, за недостиг на лекари. Само за неколку години бројот на вработените на 17 одделенија во оваа Клиничка болница се намалил од  930 на 640 лица. Околу 300 лекари, сестри, техничари… заминале во странство, во пензија, а замена не добија. Новата болница во Штип, пак, никако да се доизгради. Болните од овој регион се лекуваат во стариот објект кој е под секој минумум – со дотраена опрема, со 100 лекари и сестри помалку од потребните…

-Ова е многу битна болница, работат доби кадри и не заслужуваат вакви услови за работа. Ги видов просториите – ова не личи на ништо, на 21 век. И јас тука не би се лекувал, изјави при неодамнешната посета Фатмир Меџити, министер за здравство.

Тој деновиве дополнително ја шокира јавноста кога рече дека по болниците во земјава се оперира и со зарѓани инструменти и дека комотно би можело да се затворат половина од нив. Вкупниот долг на македонските болници во овој период изнесува близу 130 милиони евра. Само 18 скопски универзитетски клиники и заедничката служба имаат долг од 58 милиони евра при што само Клиника за онкологија должи 9 милиони евра. Кичевската болница е во минус од цели 19 милиони евра, скопската Градска болница „8 септември“ – околу 6,4 милиони…

Состојбата во здравството е катастрофална поради несоодветна организација и менаџмент, поради партизација, поради неекономични трошоци и нерационално користење на ресурси, поради немање одговорност, а која останува неказнета и затоа пациентите не се соодветно услужени и лекувани… Сѐ е во надолна линија и иако се плаќа здравствено осигурување луѓето се принудени да се лечат приватно, затоа реформите се неопходни веднаш, смета граѓанката Сања Николовска.

Ваквите фактори доведуваат и до апсурдни ситуации, да се има медицинска опрема, а таа да не се користи. Државните ревизори неодамна открија дека на Клиниката за онкологија се уште не се користи во 2015 година скапокупениот линеарен акцелератор. Причина било што се немала соодветна просторија!? Во меѓувреме, лекарите и медицинските сестри само си заминуваат. Податоците велат дека само во последните три години над 900 лекари си заминале од јавните здравствени установи. Бројот на медицинските сестри, исто така, е недоволен – според стандардите во двомилионска Македонија би требало да има околу 16.000 медицински сестри, но има за половина помалку. Мали и недоволни плати се она што ги брка медицинарите да бараат нова работа во странство. Мораше да се случат протести и штрајкови за да се добие покачување од 2-3.000 денари…

-Платите во здравство мора да се покачат за да имаме вистинско државно здравство, а не да бегаат во приватно. Властите не покажуваат никаков интерес за здравството, само гледаат да си ги зголемат платите за себе за 80 отсто. Мора и да им набават апарати. Не може болните од карциноми со месеци да чекаат снимање, смета Велика Јанкуловска.

Никако да направат единствен концепт

Надлежните со години не можат да направат единствената стратегија по која би се „лекувало“ здравството. И новиот министер најавува само парцијални потези: лекари од скопски клиники ќе се праќаат на испомош во болниците во внатрешноста, се апелира до лекарите доброволно и без надомест да вршат операции преку викенди за да се намалат листите на чекање, на специјалистите да се плаќа читање на рентген-снимките од дома, ќе се прави план за ангажирање на дипломираните студенти по медицина, ќе се ревидира позитивна листа на лекови… Освен ова, се најавува и намалување на бројот на здравствените установи, укинување на економските директори, единствен Клинички центар со еден директор бидејќи е апсурдно Данска со шест милиони жители да има 122 здравствени институции, а Македонија дури 1.200!?

– Основно е на лекарите да им се покачат платите за да не бегаат во странство. Инаку, вака е катастрофа. Во какви услови работат лекарите се и добри, но нема доволен кадар. Но за тоа нашите министри не мислат, тие се само за сликање, вели Руждо Смаковиќ.

Дали и овие оскудни идеите за промени во здравство ќе се спроведат? Засега е само познато дека граѓаните коишто дебело плаќаат давачки за здравство се принудени за посериозно лекување пак да плаќаат и во приватните болници…

Реорганизација, мотивација, мерење на извршена работа…

-Најургентно е потребна реорганизација и укинување на одредени служби и позиции, поголема централизација и контрола на работите, рационално користење на расположливите ресурси, мотивирање на персоналот, но и санкционирање за несоодветна работа, воведување на систем преку кој ќе се врши мерење и евалуација на извршената работа и работниците, реновирање на болници и поликлиники со парите кои ги планираат за изградба на нов клинички центар, одвојување на повеќе средства за медикаменти  за обуки на медицински персонал, за бонус и награда на најдобрите, обезбедување на лекови и соодветен третман на лицата со ретки болести, предлага Сања Николовска.

Претходна вестВеле Марков херојски загина откако беше предаден, последните зборови му беа „Ако нема слобода, има смрт! Но чесна и храбра”
Следна вестОчигледно дека се создадени „лош“ наставник како и „лошо“ дете